Корпоративно партнерство: М6 Едукативен центар и Стартап Македонија


M6 Едукативниот центар ја започнува својата соработка со Стартап Македонија, во рамки на програмата Corporate Innovation Collaborators која има за цел зголемување на соработката меѓу стартапите и корпоративниот сектор.


 

Оваа соработка ќе се реализира во насока на развој и поддршка на претприемништвото преку мотивирање, едуцирање и обезбедување бизнис поддршка на млади лица при започнување и развој и раст на своите стартапи и бизниси.

‘Една од основните цели на М6 Едукативниот центар е поддршка во вмрежување на трите најважни заедници во општеството – стартап, бизнис и академската заедница. Соработката со Стартап Македонија е идеалниот начин за реализација на планираната соработка. Преку своите партнерства со најзначајните претставници на бизнис секторот и универзитетите, М6 ќе биде значаен канал за поддршка на македонските стартапи’, изјави Елена Младеновска – Јеленковиќ, извршен директор на М6 Едукативниот центар.

Меѓусебната соработка на М6 Едукативниот центар со Стартап Македонија ќе се реализира во различни области од делокругот на нивната работа, со посебна цел на заедничко развивање на едукативни програми за бизнис поддршка на стартапи и мали и средни претпријатија. 

Дел од активностите планирани во склоп на оваа соработка се и организација на заеднички работилници, конференции и останати онлајн, хибридни и офлајн настани за едукација, вмрежување на стартапите со бизнис секторот и академската заедница, како и аплицирање и имплементирање на заеднички проекти од интерес на двете страни. Заедно, ќе се работи на обезбедување консултантски и менторски услуги како од домашни, така и од странски екперти за потребите на М6 Едукативниот Центар и Стартап Македонија. Една од насоките на заедничко дејствување ќе биде и поддршка при креирање и имплементирање на инкубаторски и акцелераторски програми за бизнис поддршка, како и поддршка при спроведување на истражувачки активности од областа на претприемништвото за потребите на двете страни. Заедно, двете страни ќе се залагаат за позитивни промени и трансформација на општеството.

‘Од особено значење за нас како стартап заедница е да учиме и црпиме искуства од корпорациите кои се столбот на македонската економија. Со оваа соработка сакаме што побрзо да овозможиме поврзување со корпорациите,  валидација и имплементација на решенијата кои ги развиваат стартапите, а од друга  страна со наша поддршка и М6 да го подигнеме нивото на иновација и концептот на intrapreneurship на корпорациите во нашата земја’, изјави Игор Маџов програмски директор Стартап Македонија.

Корпорациите кои се заинтересирани да се приклучат и да станат дел од програмата Corporate Innovation Collaborators во соработка со Стартап Македонија можат да добијат повеќе информации со испраќање маил на info@startupmacedonia.mk .