Кој и колку користи интернет во Македонија?


Според податоците на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2021 година, 83.7% од домаќинствата имале пристап на интернет од дома.


 

Во споредба со 2020 година, тоа претставува раст од 4.4%. Во однос на минатите 10 години, секоја година користењето на интернет забележува пораст. Во 2012 година 58.3% од домаќинствата имале пристап до интернет, за денес таа бројка да порасне до 83.7%.

 

Извор: Државен завод за статистика

Учеството на домаќинствата според типот на населеното место со широкопојасен интернет во вкупниот број домаќинства e 87.1% во 2021 година. Во однос на мобилното широкопојасно поврзување, учеството на домаќинствата е 79.7% во 2021 година.

 

Извор: Државен завод за статистика

Во првото тримесечје од 2021 година, од вкупното население на возраст од 15 до 74 години, интернет користеле 86.4 %, додека пак 80.5 % го користеле секој ден или речиси секој ден, а 5% го користеле најмалку еднаш неделно но, не секој ден.

Интересен податок, со кој се потврдува и подемот на електронската трговија, е дека во последните три месеци дури 31.5% од корисниците на интернет нарачале/купиле стоки или услуги преку интернет, а во последните 12 месеци вакви активности направиле 46.3 % од корисниците на интернет. За последните 3 месеци најмногу се купувало облека преку интернет и тоа претставува 66.6% од нарачките, а најмалку филмови или серии (пример ДВД-а, Blu-ray итн.) со 1.3% од нарачките.

 

 

Според земјата на потеклото на продавачот, најзастапени биле домашните продавачи со 84.2% од продажбите, продавачите од земјите од ЕУ биле застапени со 12.5%, а од останатите земји од светот со 17.9%.

По образование, корисниците (15-74 години) не го користат подеднакво интернетот. Односно, 96.3% од лицата со високо образование користеле интернет во првите три месеци од 2021 година наспроти 90% со средно образование и 73.2% со ниско образование.

 

Извор: Државен завод за статистика

 

Особено интересни се податоците за користење на интернетот според работниот статус на корисниците. Младите генерации водат убедливо, каде 99.8% од учениците и студентите користеле интернет во првите три месеци на 2021 година, наспроти 95% од вработените лица, 87.8% од невработените лица и 64.9% од други лица.

 

Податоци од Државен завод за статистика

Извор: Market7.mk