Јосифовски: Неправедно е финансиска помош да добијат само дел од угостителите, сите беа затворени со одлуката од 5 април


– Претседателот на Независната угостителска комора Здравко Јосифовски смета дека е неправедно доколку финансиска поддршка добијат само  угостителските објекти чија примарна дејност е служење храна и пијалоци.


 

Во одговор на новинарско прашање, Јосифовски нагласи дека сите угостителски објекти, без разлика дали нивната примарна дејност е угостителството или не, биле затворени со владината одлука од 5 април.

– Кога ја носеа одлуката од 5 април не беа затворени само угостителски објекти со приоритетни шифри. Беа затворени сите угостителски објекти. Како што знаете, било кој објект што работеше и вршеше угостителска дејност на лице место беше затворен казнет со поднесена кривична пријава. Сметам дека е голема неправда доколку Владата или било кој министер мисли дека со одлука ќе се додели финансиска помош само на едни, а другите ќе бидеме набљудувачи и ќе гледаме како тие пари ги насочуваат за друга употреба, а ни кажат дека сме ги искористиле максимално и ни дале се она што ни следува, изјави Јосифовски.

Неговиот одговор следува по ставот на министерот за економија Крешник Бектеши изнесен на денешната прес-конференција дека финансиска поддршка ќе добијат угостителите согласно критериумите во јавниот повик. Бектеши на прес-конференцијата во Владата потврди дека во Министерството за економија се стигнати барањата на НУК да бидат опфатени сите угостители со финансиската помош и оти тие ќе бидат разгледани.