Генералниот менаџер на Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп се обрати на четвртиот панел на годинашниот Форум насловен: „Глобални трендови и деловни можности“
Пред неколку дена во хотелот DoubleTree by Hilton во Скопје се одржa Третата годишна меѓународна конференција на Министерството за финансии под името Скопски економски и финансиски форум – СЕФФ 2023. Фокусот на овогодинешниот форум насловен „Европска интеграција и економски просперитет“ беше ставен на забрзувањето на европската интеграција на Западен Балкан.
Во рамките на четвртиот панел на Форумот насловен „Глобални трендови и деловни можности“ се дискутираше како Европската и регионалната интеграција влијаат врз одлуките и работењето на деловниот сектор во државата. Учесници на панелот на воден од Академик Абдулменаф Беџети беа Менди Ќура – Претседател на Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија, Трајан Ангелоски – Претседател на Сојузот на стопански комори, Анета Антова Пешева – Претседателка на Собранието на МАСИТ – Стопанска комора за ИКТ, Драган Давитков – Претседател на Одборот на директори на АмЧам, Анета Димовска – Mенаџер во Стопанската комора на Северна Македонија и Иван Костиќ – Генерален менаџер на Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп.
Во фокусот на панелот беа Идентификувањето и инкорпорирањето на новите деловни можности – преку иновативни идеи, решавање на новите прашања, надминување на поделбите и зајакнување на регионалната соработка, која е од витално значење за продлабочувањето на интеграцијата во ЕУ.
Генералниот менаџер на Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Иван Костиќ се осврна на развојот и работењето на компанијата, која е лидер во тутунската индустрија.
„Претставувам компанија која што е јавно приватно партнерство и би сакал да споделам нешто во врска со оваа соработка. Партнерството беше формирано пред девет години меѓу Филип Морис Интернешнел и Тутунски комбинат Прилеп и секако имаше подеми и падови, но гордо можам да кажам се работи за соработка која за двете страни носи позитивни резултати и која се развива и еволуира со текот на време. Тутунскиот комбинат оваа година одбележува 150 години јубилеј и можете само да замислите со каква експертиза и знаење се одликува. Се работи за компанија со голема традиција, искуство и одлични производствени капацитети. Од друга страна Филип Морис е глобален лидер на полето на технолошките иновации на пазарот. Спојувањето на двете компании донесе само позитивни работи“.
Генералниот менаџер на ФМТКП спомена и дека компанијата почнала веќе со остварување на своите следни цели.
„Следната одредница што ја постигнавме во ова партнерство се однесува на извозот и многу сме горди што оваа година почнавме со извоз на готов производ. За да се почне со извоз во оваа индустрија е потребно време и сите овие одлуки моравме да ги донесеме во период на различни предизвици, кои ги имавме во последните неколку години. За сето ова да стане реалност, потребна е регулаторна стабилност и овие регулативи и норми се посебно важни во тутунската индустрија, посебно во однос на европските регулативи. Во моментов станува збор за извоз од Прилеп до шест држави од Западниот Балкан и Источна Европа, а до крајот на годината ќе извезуваме и во Европската унија“, посочи Костиќ.
Костиќ во рамките на четвртиот панел на СЕФФ нагласи две клучни точки во иновативното работење на ФМТКП и ги охрабри македонските компании да не ги ограничуваат иновациите и да работат строго во согласност со европските регулативи.
„Во однос на иновациите што ги донесе лидерот во тутунската индустрија Филип Морис, сакам да ја истакнам дигитализацијата и посебно онлајн продажбата и сакам да напоменам дека оваа година целосно се префрливме на е-нарачки и комплетно дигитално комуницираме во процесот на малопродажба. Ова беше речиси незамисливо дека може да се спроведе насекаде и само покажува дека е возможно и дека тоа го сакаат деловните партнери. Втората работа се иновациите што ги носи компанијата и воведувањето на научно докажаните алтернативни тутунски производи, кои беа препознаени и признаени од МАНУ пред две години и дека ова само дополнително ја зголемува можноста луѓето да изберат подобри алтернативи. Компаниите не треба се ограничуваат во поглед на иновациите и дигитализацијата, напротив, треба да ги прифатат и спроведат, а истите треба целосно треба да бидат усогласени со европските регулативи. Од тој аспект, сакам да ги охрабрам компаниите и веќе можам да потврдам дека на ова поле има напредок и волја, а работите изгледаат ветувачки и во поглед на инфраструктурата“, истакна Костиќ.