Интервју со Ирена Трајкова, Intermediate developer во Сеавус

Irena-Trajkova-678x381
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Со малку труд, упорност и знаење, патот до успешен и квалитетен front-end девелопер е загарантиран







Развојот на софтверот постојано поминува низ циклуси на промени и надградби, посебно на полето на Front-end програмирањето. Развојот на Front-end се менува толку брзо што може да биде предизвик да се остане во чекор со новите трендови. Во денешно време, работните места за Front-end се едни од најбараните позиции во ИТ-индустријата. Поради тоа, од суштинско значење е да се биде информиран за најновите програмски јазици, рамки и технологии.

По тој повод разговаравме со Ирена Трајкова – Intermediate developer во компанијата за развој на софтвер и консултантски услуги – Сеавус, која е дел од групацијата Арикома.

1.Кажи нѝ нешто повеќе за тебе? Како започна твојата приказна во Сеавус и кои се најинтересните и најважни моменти од твојата досегашна кариера?

Здраво, јас сум Ирена Трајкова, Intermediate Front-еnd девелопер во Сеавус. Дипломиран финансиски менаџер на Економскиот факултет на УКИМ, а подоцна преориентирана во  front-end девелопер. Мојата приказна во програмерскиот свет започнува пред скоро 4 години, кога одлучив да учам програмирање, поточно front-end делот од програмирањето. Учењето беше самостојно, преку курсеви од Pluralsight и Udemy и работење на сопствен проект, со што се стекнав со основни знаења за front-end програмирање. Кон крајот на 2019 година, Сеавус ми даде шанса да започнам пракса како front-end девелопер во Oracle дивизијата, каде што имав прва средба со React.js и почнав интензивно да го учам и работам. После три месеци пракса, добив шанса да бидам Junior девелопер, работејќи на мојот прв проект, користејќи го React.js.

 2. Што всушност работи еден Intermediate developer? На кои проекти работиш и како изгледа еден твој работен ден?

Моментално работам на проект за Cash Management, за клиент од Финска. Мојот работен ден започнува со административни работи, како одговарање маилови од претходниот ден, логирање време за претходниот ден и анализа и планирање на работните задачи. Потоа, имаме дневен состанок со колегите од Сеавус и од страна на клиентот, каде што разговараме за работата што сме ја завршиле и за работата што планираме да ја завршиме следните денови. Откако ќе заврши тој состанок, започнувам со работење. Во текот на денот, често комуницираме со колегите од тимот, споделуваме мислења и наоѓаме решенија за потенцијални проблеми. Во тек е префрлање на употреба на GraphQL и Apollo GraphQL за front-end делот, па изминатиот период учевме како да го употребуваме, бидејќи е новина за повеќето од тимот. На крај од работното време, правам резиме за она што сум го сработила и од каде треба да почнам идниот ден.

3. Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваш како Front-end developer и зошто одбра да работиш со React библиотеката?

Па, како предизвици можам да го издвојам континуираното учење на нови технологии, што некогаш може да биде и малку напорно, со оглед на тоа што имам работни задачи што треба да се сработат, а истовремено и нова технологија која ќе ми биде потребна за идните работни задачи. Меѓутоа, не би се пожалила, сметам дека секогаш треба да бидеме во тек со новитетите, колку што нѝ дозволува времето, и од тоа само можеме да имаме позитивна корист. После неколку години работејќи со неколку различни рамки и библиотеки (Angular, Backbone.js, React.js, React Native), сега работам на проект каде што се користи React библиотеката. Од денот кога започнав со пракса и се запознав со React, навистина ми се допадна сѐ што имаше да понуди. Лесен е за совладување, а поради тоа и секоја новина што ќе се направи лесно може да се разбере. Стабилен е, динамичен и со одличен перформанс, често користен помеѓу девелоперите, а ова го потврдува и тоа што на секој втор оглас за вработување на front-end девелопер се бара познавање на React. Лесно може да се дојде до решение на интернет за некој проблем што нѐ измачува, и уште многу други бенефиции. Убедена сум дека откако ќе ги научиме принципите на работа, структурата и методологијата на барем една рамка или библиотека, би можеле полесно да се снајдеме и да совладаме било која од популарните библиотеки и рамки.

4.Што значи развој на Front-end кариера во Сеавус? Кои можности ги имаат вработените во компанијата?

Сеавус е одлична компанија која дава шанса на секој кој има упорност, желба и амбиција да учи и напредува во front-end кариерата. Секој кој ќе има можност да работи во оваа високо реномирана ИТ компанија, ќе може да работи и учи од многуте искусни девелопери кои несебично ги делат своите знаења и познавања, ќе има шанса да работи со популарни библиотеки и рамки, да работи на интересни и иновативни проекти, во пријатна и позитивна атмосфера, со голема поддршка од членовите на тимот, ќе има разни поволности (социјални, здравствени, спортски, итн.), и секако можност за напредок и достигнување на поставените цели на професионален план.

5. Какви знаења и вештини е потребно да поседува еден квалитетен Front-end девелопер и кои актуелни трендови треба да ги практикува?

Најважно од сѐ е желбата за учење и посветеноста за да успееме во тоа што ќе го замислиме. А, потоа, да читаме и гледаме различни курсеви и да ги пробуваме работите што ќе ги научиме креирајќи сопствени апликации за учење, да имаме прецизно око што ќе нѝ помогне да ги изработиме работните задачи како што се дизајнирани, да размислуваме аналитички и да се трудиме да најдеме најдобри и најефикасни решенија. Потоа, да споделуваме знаења со колегите и да бидеме отворени за тимска работа, да бидеме комуникативни и да не се плашиме да ги изнесеме своите мислења и да истражуваме за да бидеме во тек со новостите во front-end светот. Со малку знаење, труд, волја и упорност, патот до успешен и квалитетен front-end девелопер е загарантиран.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK