ИНТЕРВЈУ со Билјана Шамакоска Ангелова: Макстил на новите вработени им нуди сигурност, фер и коректен однос, динамично опкружување и можност за личен и професионален раст и развој



Макстил е македонска компанија која претставува регионален лидер во производство на топловалани дебели лимови. Произведува челик и има долга индустриска традиција, во која вработените се главната алка од синџирот за развој на компанијата. За важноста на вработените за компанијата, нивната мотивација, кариерниот раст, но и безбедноста и работните услови,  зборуваме со Билјана Шамакоска Ангелова, Директор за човечки ресурси во Макстил.


 

Вработените се основата во секоја компанија, каде менаџментот на установата и Секторот за човечки ресурси мора постојано да вложуваат и да ги мотивираат работниците. Како директорка за човечки ресурси, кои мерки ги преземате во Макстил за да ги мотивирате работниците, за тие да бидат задоволни на своето работно место и да продолжат – да останат да работат во компанијата?

Работата во една компанија од областа на индустријата е специфична, како поради секојдневните предизвици, така и поради работните услови. Оттаму, безбедноста и здравјето на нашите вработени се од особено значење. Компанијата веќе неколку години засилено инвестира во проекти за подобрување на безбедноста и работните услови на нашите вработени. Безбедноста на вработените е, и ќе остане прв приоритет на Макстил.

И покрај предизвиците коишто пандемијата ни ги предизвика во реализирање на голем број од проектите за мотивација на вработените што ни беа планирани, сепак, во рамки на можностите продолживме да работиме максимално посветено за да ги мотивираме нашите вработени. Така на пример, Макстил е една од ретките компании којашто во услови на глобална криза предизвикана од пандемијата, не само што не го намали бројот на вработените и платите, туку напротив, ги покачивме платите на вработените и воведовме нов бонус за безбедно и одговорно однесување. Друга активност којашто ја отпочнавме минатата година е стипендирање на деца на наши вработени кои ќе изберат технички струки во своето понатамошно образование.

Исто така, во услови на глобална здравствена криза успеавме да изнајдеме начин како да продолжиме со активностите и плановите во делот на обуки и развој на вработените без да го доведуваме во ризик нивното здравјето и здравјето на нивните најблиски. Секако, се одбележуваат родендените на нашите вработени, а во изминатите години се организираа и прослави и други настани кои се надевам дека ќе можеме повторно да ги одржуваме.

При изборот на активности и проекти за подобрување на мотивацијата во голема мерка ги користиме резултатите од мерењето на задоволство при работа. Секако, секогаш има уште многу да се направи, но ние сме среќни што резултатите покажуваат значителен тренд на зголемување на задоволството кај вработените.

Клучната определба на Макстил претставува поддршката на кариерниот раст и развој. Дали Макстил има ваков план за развој на кариерата на вработените и доколку има, што точно содржи тој план? Креирате ли програми и активности за развивање на вештините на вработените преку пракси или, пак, обуки?

Секоја компанија сака добри и обучени вработени, и нас ни е повеќе од јасно дека за да го постигнеме тоа, мора да инвестираме во нашите вработени. Покрај редовните обуки кои што ги имаме и кои редовно се одржуваат, направивме големи планови за обуки посебно дизајнирани за нашите потреби и нашите вработени на различни нивоа во организациската поставеност. Нивната целосна реализација беше отежната од пандемијата, но, имајќи ја предвид новата реалност, моравме да бидеме многу креативни и да најдеме начин како да продолжиме да работиме на раст и развој на нашите вработени, секако на безбеден начин. Во моментов, по успешно спроведени пилот проекти, во тек е реализација на дел од овие програми како, на пример, обуки за меки и технички вештини за линиски менаџери и среден менаџмент.

Колку како компанија се стремите кон промени на работните позиции како начин на успех и благодарност за сработеното кон работниците во Макстил? Како се наградува напредокот на вработените и кои квалификации се земаат предвид?

Наша политика е секогаш кога ќе се отвори место во организациската структура на Макстил, прво внатрешно да се обидеме да најдеме соодветни кандидати, и доколку тоа не е можно, дури тогаш се преминува кон надворешно огласување. Но, вработениот може да напредува и во рамки на самото работно место, преку зголемување на одговорноста, и соодветно на тоа зголемување на компензацијата. Она што ние го бараме кај вработените, она што се вреднува и наградува е професионализмот, односно односот кон работата и колегите, ангажираноста, трудољубивоста, и желбата да се научи и напредува.

Пред неколку денови, генералниот директор на Макстил Иван Бановски, му врачи признание за Придонес во областа на безбедност при работа на вработениот Далибор Ристиќ. Ова признание пријатно одекна помеѓу вработените и ја испрати пораката дека трудот на работникот се цени и почитува. Дали ваквите позитивни потези ќе станат пракса за компанијата, поради фактот дека работникот се чувствува доволно мотивиран и поттикнат да придонесе повеќе само ако установата во која работи покаже негово вреднување и наградување?

Речиси и да нема човек кој што не сака да биде вреднуван и неговиот труд и достигнување да биде препознаено и признаено. Ваквите признанија даваат два резултати, прво, вработените се чувствуваат вреднувано и почитувано, и гледаат дека нивниот труд се цени, и второ, преку истакнување на ваквите достигнувања истовремено се дава пример на останатите вработени за начин на однесување и резултати кои се посакувани и наградувани. Со тоа, и тие се мотивираат да дадат соодветен придонес, за во иднина да бидат исто така наградени.

Да одговорам на прашањето, да, ваквата пракса ќе продолжи и во иднина, и ќе биде проширена со дополнителни признанија кои ќе се доделуваат на вработените, како што е проектот за избор на вработен на месецот.

Во услови на пандемија предизвикана од КОВИД-19, целиот свет направи комплетна реорганизација на институциите, компаниите, организациите за да може во исто време да се заштити здравјето и животот на секој вработен, а процесот на работа и работните места да не трпат загуби. Како Макстил се справи со кризата од аспект на грижа за човечките ресурси и зачувување на работата во компанијата?

Пандемијата сите нè измести од колосек, и навистина беше предизвик да се заштити здравјето на вработените, а истовремено да се обезбеди континуитет на процесот на работа. Кај нас, како производствена компанија која работи 24/7, невозможно е најголем дел од вработените да се упатат на работа од дома.

Она што ние го направивме, уште на самиот почеток во февруари минатата година, беше предвремена набавка на заштитни маски и средства за дезинфекција, рана забрана на службени патувања и примање на гости од странство без исклучителна неопходност, изготвување процедури и протоколи за работа и строга контрола на почитување на превентивните мерки. Ги ротиравме смените согласно ограничувањата на движење, организиравме дополнителен превоз за вработените, ги реорганизиравме мензите, навремено ги изолиравме сите вработени кои беа во потенцијален ризик од зараза, и тестиравме, многу тестиравме. Со сите мерки кои што ги преземавме, со гордост можам да кажам дека одлично се справивме со кризата, и од аспект на грижа за безбедноста на вработените, и од аспект на одржување на континуитетот на работа. Научивме многу, и сега сме спремни за било какви предизвици.

Кои се идните планови на Макстил во врска со човечкиот капитал? Како се соочувате со предизвиците на недостиг на квалификувана работна сила, посебно во тешката индустрија?

Недостигот на квалификувана работна сила е нашиот најголем предизвик во моментов. Од една страна, образовните институции не продуцираат соодветен стручен кадар (ни по број, ни по потребни квалификации), а од друга страна интересот и желбата за работа на младите, особено во индустријата, е многу мал. Она што ние како компанија можеме да направиме е да работиме заедно со образовните институции и државните органи и други организации како што се коморите, во насока на поттикнување на младите да изберат средно (и високо) стручно образование и воведување на дуално образование во сите технички струки. Младите треба да се едуцираат, а воедно и нивните родители, дека успешна кариера, сигурна и добро платена работа, може и тоа како да се има со избор на техничките струки.

Каква соработка имате со средните стручни образовни училишта во Македонија и со Факултетите? Дали сте вклучени во некоја програма за насочување/ поттикнување на учениците и студентите кон струките во металуршката професија?

Соработката помеѓу Макстил и средно-стручните училишта, како и факултетите од техничките струки, е долгогодишна и успешна на обострано задоволство. Соработуваме во многу аспекти, од учество во изработка на курикулумот, обезбедување на пракси и изработка на трудови, до стипендии на студенти и средношколци, како и обезбедување можност за вработување по завршување на школувањето.

Како компанија, јасно ни е дека доколку сакаме да обезбедиме соодветни стручни кадри, мора да го дадеме нашиот придонес во образовниот процес и да ги поддржиме средно-стручните училишта и техничките факултети од нашата област (металургија, машинство и електро техника), кои пак се секогаш отворени и спремни за соработка.

Што би издвоиле за Макстил како работодавач во неколку зборови? Кои препораки би ги дале за идните вработени?

Макстил е голема компанија со речиси 1000 вработени, и опстојуваме на пазарот со децении – тука сме да останеме. Она што ние им го нудиме на новите вработени е сигурност, фер и коректен однос, динамично опкружување и можност за личен и професионален раст и развој. Моја препорака кон нив, односно она што од нив се бара, е спремност за нови предизвици, професионално однесување, почитување на безбедносните процедури, лојалност и посветеност, што секако соодветно ќе се вреднува.

Бидете дел од тимот кој се стреми кон одржлив развој креирајќи модерна челичната индустрија, спремна да се справи со предизвиците на новото време, почитувајќи ги нашите вредности и високи стандарди.