Фондот за регионални предизвици поддржува инвестиции во проекти за кооперативна обука. Ќе бидат доделени 18,8 милиони евра за поддршка на дури 60 проекти во Западен Балкан


Фондот за регионални предизвици (РЦФ) го објавува првиот повик за изразување интерес за поддршка на инвестиции во проекти за кооперативна обука, отворен за апликации од шесте економии на Западен Балкан. Фондот ќе додели 18,8 милиони евра до 2025 година (во текот на пет години) за поддршка на инвестициите во нашиот регион. Целта е да се финансираат до 60 проекти за времетраењето на програмата. Фондот за регионални предизвици организира настан за започнување за првиот повик кој ќе се одржи онлајн на 3-ти февруари, за да собере претставници од меѓународни организации и иницијативи, регионални организации, јавни институции одговорни за стручно образование и обука, стопански комори, даватели на стручна обука, претпријатија. Г. Марко Чадеж, претседателот на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6, ќе учествува заедно со претставници на КФВ-Европска Банка-Германска соработка за развој, АНК германска трговска комора, ГИЗ, Европската фондација за обука и други.


 

Во оваа прилика, г. Фридер Верман, тим лидерот на Фондот за регионални предизвици, го изјави следновo: „Бизнисите имаат потреба од квалификувани вработени. Младите треба да се стекнат со вистинските вештини, што може да биде тешко во денешната средина исполнета со предизвици. РЦФ ќе помогне да се надмине овој јаз со финансирање инвестиции во опрема и инфраструктура за избрани проекти за кооперативна/дуална обука, кои што им се потребни на институтите за стручна обука (ВТИ) да им помогнат на учениците да ги развиваат вештините што ги бараат денешните компании. Нашата цел е да го зајакнеме квалитетот и релевантноста на пазарот на трудот на стручното образование и обука преку промовирање на партнерства помеѓу институтите за стручна обука и претпријатијата“.

Кооперативната обука го вклучува бизнис секторот во целиот процес на развој, имплементација и проценка на СОО. Тоа се постигнува преку комбинирање на учењето стекнато преку стручни институции и она преку претпријатијата на флексибилен начин за развој на вештините, знаењата и однесувањата на идните работници. Овој пристап успешно резултира со дипломирани ученици кои поседуваат практични вештини кои одговараат на барањата на пазарот на трудот. Кооперативната обука е препознаена од повеќето образовни авторитети во земјите од Западен Балкан како корисна алатка за надминување на јазот помеѓу понудата на образовани кадри и побарувачката на пазарот на трудот. Сепак, истата е сè уште во фаза на развој и Фондот за регионални предизвици (РЦФ) е основан за да обезбеди соодветна поддршка.

Марко Чадеж, претседател на Форумот за инвестиции во Западен Балкан, како и заедничка регионална комора и претседател на Трговско-индустриската комора на Србија, смета дека „овој проект сега станува уште поважен, во светло на пандемијата, бидејќи ќе обезбеди дополнителна обука и нови вработувања во компаниите и индустриите кои биле најмногу погодени од Covid 19. Овие бизниси сега работат со намалени капацитети и ќе мора да го намалат бројот на вработени и да претрпат сериозни структурни промени.“ Чадеж истакна дека Стопанските комори, членки на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6 ќе бидат максимално ангажирани и ќе придонесат за вклучување во конзорциуми на компании од гранки кои се клучни за развојот на секоја економија поединечно и регионот како целина. Тој ги покани компании да соработуваат со средни училишта, високи стручни училишта и факултети за да аплицираат за средствата на Фондот и заеднички да формираат центри за обука што ќе им овозможи на учесниците во обука да се запознаат за време на обуката со машини, опрема и алатки со кои се работи во реална работна средина и со кои ќе работат подоцна кога ќе се вработат.

„Институтите за стручна обука кои учествуваат, склучуваат партнерства со компании за развој на програми за кооперативна обука што ги учат учениците на вештините кои им се потребни на партнерските компании. Резултатот е високо обучени вработени кои се добро квалификувани и подготвени за работа“, додава г. Верман.

Апликациите се отворени за конзорциуми од шесте економии на Западен Балкан, кои се составени од еден институт за стручна обука и најмалку две претпријатија. Напорите треба да резултираат со национално признати сертификати. Првиот повик за изразување интерес ќе биде отворен од 1-ви февруари до 30-ти април 2021 година. Сите потребни информации може да се најдат на www.rcf-wb6.org.

Фондот за регионални предизвици е нова програма која се стреми да ја зголеми продуктивноста и конкурентноста на бизнисите во Западен Балкан 6. РЦФ е поддржан од германското Сојузно  Министерство за економска соработка и развој преку КФВ-Европска Банка-Германска соработка за развој и е спроведен од страна на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6 (WB6-CIF), заедничка иницијатива на стопанските комори од регионот.