„Еуромакс“: Државната комисија ја занемари конечната одлука на Вишиот управен суд што е во наша корист


– Државната комисија ја занемари конечната одлука на Вишиот управен суд што е во корист на „Еуромакс“ и е објавена на 7 декември 2020 година, иако Комисијата е одговорна за нејзиното спроведување, обвини денеска компанијата „Еуромакс“.



– Државната комисија, наместо тоа, ја потврди одлуката на министерот за економија да го одбие барањето на „Еуромакс“ за дозвола за експлоатација за концесијата Иловица 6. „Еуромакс“ повторно ќе ја обжали одлуката на Државната комисија во Управниот суд и согласно законската регулатива за работењето на владините институции, секоја понатамошна одлука на Управниот суд ќе биде извршна. Согласно правниот совет од нашиот правен тим, друштвото останува убедено во својата силна правна позиција, како и дека постапките на Државната комисија се незаконски, соопшти „Еуромакс“.

Иако ова претставува назадување во процесите за враќање на концесијата Иловица 6, се вели во соопштението, „Еуромакс“ ќе продолжи да бара од Владата посветено да се ангажира за решавање на прашањето.

– Покрај бројните обиди на компанијата да ја покани Владата во дискусија, вклучително и со доставата на официјалното известување за потенцијален меѓународен арбитражен случај во март 2020 година, забележуваме дека Владата не успеа да се вклучи во дискусии за отворените прашања. „Еуромакс“ ќе продолжи да ги користи сите законски можности и ја задржува и опцијата својот случај да го штити во процес пред меѓународна арбитража согласно Швајцарско-македонскиот билатерален договор за инвестиции, се потенцира во соопштението од „Еуромакс“.

Компанијата истакнува дека Проектот Иловица-Штука создава можност која е целосно во согласност со изјавите на Владата да даде приоритет на економскиот раст и да ги поттикне странските капитални инвестиции.

– Со реализацијата на проектот Иловица-Штука, веруваме дека „Еуромакс“ ќе стане најголемата потенцијална странска инвестиција во Северна Македонија. Компанијата е поддржана од големи меѓународни инвеститори. „Еуромакс“ и нејзините инвеститори се подготвени значително да инвестираат во Проектот Иловица-Штука, што се очекува да создаде речиси 3.000 директни и индиректни работни места и да го зголеми националниот и локалниот БДП, велат од „Еуромакс“.