Ексклузивно за Опсервер со Ебру Оздемир, претседател на „Лимак холдинг“: Градиме одговорни жени претприемачи и лидери кои што ќе ја кројат иднината


„Diamond of Skopje“ има посебно место во моето срце. Проектот е мултифункционална супер-градба, навистина вредна како дијамант, во срцето на главниот град. Како инвестиција вредна 250 милиони евра, проектот содржи голем трговски центар, хотел „Лимак Скопје“ со 5 ѕвезди, канцеларии од врвна класа, деловен простор, 772 станови, затворен паркинг, сè во 4 одделни кули. Откако ќе се заврши, „Diamond of Skopje“ ќе смести 5.000 луѓе кои ќе живеат и работат во „новиот епицентар“ на централниот дел на Скопје – Ебру Оздемир, претседател на турската компанија „Лимак Холдинг“


 

 Светот го водат моќни луѓе, луѓе кои што се осмелуваат да делуваат, луѓе лидери со вистинско знаење и вештини кои знаат како да ги претворат во резултати. И, тоа секако не се само мажи. Одамна жените ја имаат клучната и еднаквата улога во општеството, уште од 8 март 1857 година кога 40.000 работнички во фабриките за ткаење организираа штрајк во Њујорк со барање за подобрување на нивната положба. Од 1857 до 2021 година, жените ги заземаа своите позиции според еднаквите права со мажите, но и според нивната конкурентност на пазарот.

По повод меѓународниот празник на жената, 8 Март, Опсервер ексклузивно разговараше со госпоѓа Ебру Оздемир, претседател на турската компанија „Лимак Холдинг“ која што за првпат преку ова интервју, се обраќа пред граѓаните во Македонија за да ги сподели своите искуства и успеси. Групацијата „Лимак“ расте на меѓународно ниво со грандиозни проекти во повеќе од 15 земји и над 50.000 вработени, токму на чело со Ебру Оздемир. Со неа разговаравме за нејзините предизвици како жена во светот на иженерството и бизнисот, положбата на жените во општествениот свет и за начинот на кој таа придонесува за градење на сестринство во женскиот свет.

Госпоѓо Оздемир, Вашата биографија и работно искуство во општествениот свет и светот на бизнисот се исклучително богати. Стереотипите присутни во секторите што ги претставувате, дека ова е „машки свет“, полека избледуваат, откако сè повеќе жени водат големи компании. Кои се предизвиците со кои се соочуваат жените на водечки позиции – конкретно жените како Вас, во градежниот и инженерскиот сектор? Каков беше патот што Ве доведе до овие успеси?

– Во своите напори да го достигнат врвот во бизнисот, жените се соочуваат со низа предизвици, кои многу од нивните машки колеги никогаш ги немаат искусено. За жал, поради овие предизвици многу жени не можат да ја постигнат својата цел да станат лидери во своите компании и тие им го попречуваат напредокот во бизнисот.

Еден од најголемите предизвици е еднаквоста на работното место. Ова е исто така важно за секторите кои јас ги претставувам, особено градежниот и инженерскиот сектор. Мажите доминираат во извршните редови, а жените се соочуваат со несразмерно поголеми предизвици во напорите да се искачат до врвот. Платите на жените се пониски од оние на мажите на секое ниво на работната сила. Разликата меѓу мажите и жените е веројатно најизразена на корпоративно ниво.

Градење на „сестринство“, добивање поддршка од другите жени, е второ на мојата листа. Жените во бизнисот мораат да се поддржуваат меѓу себе. Жените мораат да покажат заедништво, страст, извонредност и ентузијазам во градењето основа за напредок преку нашата работа. На корпоративно ниво, ни треба едно т.н. „извршно сестринство“, кое би функционирало како катализатор за зголемување на родовиот паритет на работното место. Но, најпрво мора да се обединиме.

И конечно, не е доволно да сте на позиција или само да седнете на масата. Жените лидери исто така мора да зборуваат самоуверено. Тие мора да се искажуваат гласно, да ги споделат своите гледишта, затоа што тоа може да помогне во формирањето на политиките. Тие треба да бидат пример за идните генерации.

Инженерството отсекогаш било дел од мојот живот. Пораснав во инженерско семејство. Мајка ми била единствената студентка по инженерство во нејзината генерација во 1960-тите години во Турција. Татко ми е инженер, исто и брат ми. Покрај тоа, јас исто така пораснав и во инженерско деловно опкружување и да бидам искрена, отсекогаш ме привлекувало. Затоа, за мене беше природно да се насочам кон инженерството. Имав среќа да ги надминам сите предизвици што ги споменав, секако благодарение на веќе воспоставената свесност во „Лимак“ за родовата еднаквост. Затоа, мојата улога во компанијата е да ги засилам сите овие претходни напори и да им дадам глас на жените во компанијата, во Турција и на сите други места каде што работиме.

Колку е тешко да се биде жена во деловниот свет? Кои се предизвиците со кои се соочувате и какви активности и политики се спроведуваат или подготвуваат во компанијата со која управувате со цел да се унапреди родовата еднаквост?

– Предизвик број еден е перцепцијата. Верувам дека има фантастични можности за жените во светот, но потоа се потсетувам колку многу луѓе сè уште не се свесни за улогата на жените во нашето општество. Да го земеме инженерството за пример – факт е дека инженерки го дизајнирале вашиот мобилен телефон, тие се креаторите зад електричниот автомобил, иако честопати се смета дека зад овие активности стојат мажи. Тоа не е точно! Го немаме тој луксуз да ги дискриминираме жените, кои претставуваат 50 проценти од нашиот свет, покрај сиот технолошки напредок што го имаме постигнато. Тоа е неодржливо и неприфатливо. Му штети на технолошкиот развој, и го попречува општествениот и економскиот напредок. Мора да има систематски и постојани напори, почнувајќи од училиштата до универзитетите и работните места, да се охрабрат жените да ги разгледаат сите опции за кариера, вклучувајќи го тука и инженерството.

Уште многу работа имаме на глобално ниво за да ја унапредиме положбата на жените во сите сфери на живеењето. Предизвиците и проблемите се исти во Турција, во Северна Македонија, во регионот и во остатокот од светот. Едноставно кажано, мора да се постигне родова еднаквост и зајакнување на жените. Затоа мора да се дефинира една заедничка агенда со амбиција да се промовира родовата еднаквост во светот и заеднички да се отстранат бариерите кои го попречуваат развојот на жените. Тоа мора да ни биде приоритет број еден на сите.

Мора активно да се вклучиме во промените! Тоа, според мене, е вистинско лидерство. Во „Лимак“, нашата деловна визија која ја имплементираме во сите земји со кои работиме, во Турција, во Северна Македонија, во Кувајт, во Сенегал, е јасна – секое позитивно влијание кое ќе го создадеме врз општествата во кои работиме ќе му послужи и на нашиот бизнис и ќе нѝ обезбеди долгорочна одржливост. Затоа, во „Лимак“ се трудиме да се осигураме дека нашиот бизнис и инвестиции ќе извршат позитивно влијание врз конкретната земја и нејзиниот народ.

За таа цел, ја основавме Фондацијата „Лимак“ во 2016 година, со цел стратешки да управуваме со социјалните инвестиции на „Лимак“ групацијата. Во нашето портфолио имаме бројни активности и иницијативи спроведени во Турција: „Млади инженерки од Турција“ (ТМК), Печатот за родова еднаквост на UNDP, СДГ акцелераторот на влијанија, Филхармонискиот оркестар „Лимак“, ТЕА – првата акцелератор-програма за енергетски стартапи во Турција, најголемото турско училиште за деца со хендикеп и разноразни програми во образованието, здравството, спортот и сл. Во странство, ние исто така инвестираме во идните генерации во земјите во кои работиме преку најразлични активности. На пример, во Кувајт организираме „Млади инженерки од Кувајт“, како и Платформата за економско зајакнување на жените во Кувајт. Во Сенегал ја имаме „Академија ЛАС“, центар за обука за аеродромски услуги. Во Косово имаме два одделни проекта: „Академија КЕДС“ и „Лимак АСИ“.

 

Вие сте вистински поборник за унапредување на положбата на жените во Турција и во регионот, како и пример за идната генерација на инженерки. Многу девојчиња му се радуваат на Вашиот успех, особено студентките на главната социјална инвестиција на Фондацијата „Лимак“, „Млади инженерки од Турција“. Како се одвива оваа програма и кои се нејзините клучни достигнувања?

– Унапредувањето на положбата на жените е област која мене лично ме засега, тоа е моја лична амбиција, личен стремеж, како што веќе објаснив. Затоа, преку најразлични програми во Турција и во странство, сакаме ги подготвиме младите инженерки за натпревар и успех на идното работно место и да им помогнеме да ги замислат своите идни кариери во областа на инженерството. „Млади инженерки од Турција“ (ТМК) е централен проект на Фондацијата „Лимак“, како што веќе рековте. Ние исто така имаме воспоставено партнерство со Министерството за семејство и социјални политики на Турција, Националното министерство за образование на Турција, како и UNDP Турција. Исто така соработуваме со Универзитетот Богазичи во Турција и WTech, Платформата за жени и технологија во Турција.

Оваа година го одбележуваме шесттиот роденден на програмата и досега имаме опфатено голем број студенти, ментори, професионални жени инженери, итн. Би сакала да споделам неколку податоци:

  • Во 2020 година, 36 студентки дипломираа преку програмата. Со нив, вкупниот број на дипломирани студентки достигна 102.
  • 72 дипломирани студентки успешно зачекорија во нивните професионални кариери и работат во врвни инженерски компании во Турција. Некои од нив работат и на проекти на „Лимак“ низ цела Турција.
  • Вклучувајќи ги дипломираните, вкупниот број на студентки достигна 479. Екосистемот исто така вклучува и над 150 ментори, сите се жени професионално ангажирани во областа на инженерството и 50 тренери, кои волонтерски учествуваат во програмата.
  • Оваа година, поради пандемијата, примавме апликации за новата група преку онлајн платформи. За еден месец добивме околу 1.800 апликации и примивме 49 нови студентки во програмата.

„Млади инженерки од Турција“ не е создадена со единствена цел да обучува исклучиво за технички вештини; ние исто така се трудиме да развиеме одговорни, современи, претприемачки настроени жени со лидерски карактеристики кои ќе ја кројат утрешнината. Најголема желба нѝ е да им помогнеме на таквите жени да зачекорат во светот и да ја водат нашата земја и светот кон иднината.

Како ја замислувате иднината на оваа програма и сите Ваши напори во „Лимак“ за унапредување на положбата на жените?

– Од корпоративна гледна точка, верувам во „колективно влијание“. Нормално, секој поединец, секоја корпорација врши влијание со своите дела и иницијативи. Кога ќе ги соберете сите овие, го добивате вкупното влијание. Но, она што јас го подразбирам под т.н. „колективно влијание“ е нешто сосема друго. Тоа не е збир на влијанија создадени од поединци и/или индивидуални институции. Тоа се влијанија создадени од соработки и партнерства. Со други зборови, „колективното влијание“ не значи само еден куп логоа едно до друго, туку тоа се луѓето вклучени во овие заеднички создадени дела кои ги нудат своите ресурси – тоа може да биде интелигенција, време, искуство, финансии, итн., со цел да создадат текови кои на крајот стигнуваат до крајните корисници.

Од таа гледна точка, јас не ги гледам овие наши проекти во Фондацијата „Лимак“ низ призмата на општествената одговорност на претпријатијата. Она што ние го правиме е т.н. „социјална инвестиција“; ние инвестираме во иднината. Преку нашите социјални дела во „Лимак“, во Фондацијата „Лимак“, се обидуваме да го откриеме скриениот човечки потенцијал, да го разбудиме и да го вклучиме во новата економија. Целта нѝ е да поттикнеме не само технички потковани лица, туку потенцијални инженери кои би биле одговорни професионалци со лидерски квалитети и претприемачки дух.

Кои се предностите на жените во деловниот свет, особено во светот на инженерството? Што би им порачале на бизнисмените кои не ја забележуваат способноста на жените да се фокусираат на неколку работи одеднаш и не веруваат дека жените можат да бидат успешни во бизнисот?

– Жените навистина имаат квалитети и атрибути кои му се и тоа како потребни на инженерството во денешниот свет. За разлика од мажите, повеќето жени можат да работат и да се фокусираат на повеќе задачи одеднаш. Жените се далеку повешти во повеќето аспекти на емоционалната интелигенција. На пример, во т.н. „меки вештини“. Меките вештини им помагаат ефикасно да работат во компаниите. Тие се посамосвесни, поемпатични.

Исто така, сметам дека жените се поотпорни од мажите. Ова е важна карактеристика која треба да се потенцира, особено во ова време на пандемија. Она што сакам да го кажам е дека жените се психички силни. Навистина, треба да си дадеме заслуга. Уште од детството се соочуваме со родови стереотипи. Сме се нашле пред т.н. невидливи бариери во професионалниот и општествениот напредок и се бориме за еднаквост.

Некои други квалитети кои можам да ги набројам се: жените се поемпатични и посочувствителни кон другите. Оттука, тие создаваат работни места скроени за жени, со придобивки кои многу им значат на жените. Жените одлично размислуваат надвор од вообичаеното и бараат нови решенија за старите проблеми. Со нивното одлично чувство за детали, тие трагаат по нови, креативни идеи. И не помалку важно, жените ги ценат меѓучовечките односи повеќе од некои други работи, како моќта или статусот. Тие даваат приоритет на добри односи со вработените и излегување во пресрет на клиентите и одвојуваат време за семејството и пријателите.

Групацијата „Лимак“ расте на меѓународно ниво со грандиозни проекти во многу земји. Тие опфаќаат повеќе од 15 земји и над 50.000 вработени. Кои се проектите со кои особено се гордеете? Која порака би сакале да ја пренесете преку градбите во секоја земја и колку е „Лимак“ општествено одговорна и свесна компанија?

– Верувајте ми, сите проекти на „Лимак“ се посебни за мене… Проектот „Diamond of Skopje“ во Скопје, проектот 1915Чанакале во Турција, проектот за изградба на терминал на Меѓународниот аеродром во Кувајт… Сите тие се посебни и навистина се моите најдраги проекти. Сè уште се возбудувам секојпат кога ги посетувам.

Да го земеме за пример проектот 1915Чанакале. Како што веќе знаете, овој проект се карактеризира со суперлативи. Со должината и висината на кулата, тој има достигнато врвни вредности на глобално ниво. Проектот е рекордер и се наоѓа на историска локација, во област со богато наследство уште од древната историја и огромен број епски приказни.

Слично на него, „Diamond of Skopje“ има посебно место во моето срце. Проектот е мултифункционална супер-градба, навистина вредна како дијамант, во срцето на главниот град. Како инвестиција вредна 250 милиони евра, проектот содржи голем трговски центар, хотел „Лимак Скопје“ со 5 ѕвезди, канцеларии од врвна класа, деловен простор, 772 станови, затворен паркинг, сè во 4 одделни кули. Откако ќе се заврши, „Diamond of Skopje“ ќе смести 5.000 луѓе кои ќе живеат и работат во „новиот епицентар“ на централниот дел на Скопје.

Го сакаме Балканот. Ги сакаме земјите на Балканот, особено Северна Македонија, делумно затоа што историските, културните и човечките врски нè поврзуваат уште од османлиското време. Ја сметаме Северна Македонија за наш долгорочен и траен партнер. Јас сум длабоко уверена дека имаме многу што да понудиме.

Верувам дека оваа наша инвестиција е многу врзана за растот, одржливиот раст, со создавањето можности и просперитет. Тоа е она што се обидуваме да го постигнеме како „Лимак“, со секоја наша инвестиција. Како што веќе споменав, преку нашите социјални дела во „Лимак“, во Фондацијата „Лимак“, се обидуваме да го откриеме скриениот човечки потенцијал. Целта нѝ е да поттикнеме млади луѓе, тукашни луѓе, кои ќе бидат одговорни да преземат лидерство во блиска иднина.

Photo by Bradley Secker for Financial Times

Кажете ни нешто повеќе за проектот на „Лимак“ во Македонија, „Diamond of Skopje“. На кој начин е овој проект посебен и се разликува од другите слични проекти што се градат во земјата?

– „Diamond of Skopje“ е уникатен проект, како ниедна друга недвижнина било кога изградена во земјата.

„Diamond of Skopje“ е првенствено уникатен по својата локација. Проектот се наоѓа во срцето на градот. Оваа посебна локација отсекогаш била важен дел од локалната култура и историја, и сега со „Diamond of Skopje“, ова место повторно ќе ги прегрне скопјани во една сосема поинаква и популарна околина, но сепак носејќи ги славните белези на минатото.

Исто така, концептот, обемот и квалитетот на мултифункционалноста на проектот се аспектите што го одвојуваат „Diamond of Skopje“ од кој било друг во земјата. Со модерен трговски центар со 45.000 м2 површина за изнајмување, хотел со 5 ѕвездички со 142 соби и Chiva Spa, 772 ексклузивни станови, 3.200 затворени паркиралишта и канцеларии од врвна класа сместени на едно место, „Diamond of Skopje“ нуди сè што еминентното урбано живеење бара. Исто така, морам да додадам дека проектот ќе вклучува и огромна зелена површина (околу 11.000 м2), која ќе биде втора по големина зелена површина во центарот на градот Скопје, веднаш по Градскиот парк. Сакам да кажам дека она што им го нудиме на луѓето не е само дом за живеење, туку еден уникатен начин на живот кој најдобро одговара на потребите на неговите жители, за да го подобри нивниот квалитет на живот.

Како што веќе споменав, целта нѝ е да создадеме „нова атракција“ во историскиот град Скопје и се гордеам со тоа што можам да кажам дека започнавме да градиме на оваа локација. Наши клиенти не се само Македонци, туку луѓе од секаде во светот: од земјите-членки на ЕУ, Германија, Австралија, Србија, Словенија до Хонг Конг, Катар, Велика Британија, од Турција до Соединетите Американски Држави, Јужна Африка итн.

Последната точка што мора да се додаде е поврзана со користењето на локалното искуство и експертиза. Сметам дека ова е многу важно и мора да се нагласи. Околу 80% од компаниите и експертите од различни области вклучени во изградбата на нашиот проект се локални, од Северна Македонија. Нам во „Лимак“, многу нѝ е мило што им даваме можност да ги покажат своите знаења и вештини во пракса, особено на младите Македонци, кои потоа ќе раководат (или веќе раководат) со изградбата на слични градби во својата земја.

Кои се Вашите активности надвор од Лимак Групацијата? На кој начин придонесувате кон Турција и светот со Вашето знаење и експертиза?

– Јас сум лично и активно вклучена и целам кон визијата која веќе се обидов да ја објаснам. Лично сметам дека оваа визија бара 3 квалитети: трпеливост, страст и упорност.

Мора да бидете трпеливи: промените се случуваат, но не се случуваат брзо. Мора да бидете страствени кон вашата работа и замисла. И не помалку важно, мора да бидете упорни… Тоа значи дека мора да работите напорно за својата кауза; мора да бидете тврдоглави и посветени.