ЕФСЕ ја посочи Народната банка како лидер во регионот во поддршката на развојот на финтек-секторот


– Народната банка е лидер во регионот на Западен Балкан во активностите за поддршка на развојот на финтек-секторот. Северна Македонија е единствената земја од регионот чијашто централна банка го има мапирано финтек-екосистемот. Другите земји од регионот се во фаза на почетни активности – на ниво на обуки и работилници, измени и поставување финтек-регулатива. Северна Македонија е единствената земја во којашто централната банка веќе иницира подготовка на конкретна национална Стратегија за поддршка на финтек-секторот.


 

Ова се дел од констатациите изнесени на виртуелниот настан на кој беа презентирани резултатите од Анкетата и Студијата за остварливост за развојот на финтек-секторот, кои ги оствари Народната банка, со поддршка од Европскиот фонд за Југоисточна Европа – ЕФСЕ.

На настанот, како што соопштија од Народната банка, учествувале гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска и дел од тимот на Народната банка, претставници на ЕФСЕ, надворешниот соработник кој ја подготви Студијата за остварливост и дел од испитаниците од Анкетата. Во Анкетата зедоа учество претставници на банки, компании кои нудат финансиски услуги, компании за алтернативно финансирање, инкубатори, акцелератори и партнери за поддршка на малите бизниси, регулатори, државни институции и министерства.

– Финтек-секторот може да донесе бројни придобивки за економијата, сметаат близу 90 проценти од 220 испитаници. Анкетата покажува дека традиционалните финансиски институции, односно банките и останатите финансиски, небанкарски институции, веќе преземаат иницијативи за финансиска трансформација. Од традиционалните финансиски институции коишто учествуваа во Анкетата, малку повеќе од половината (58 отсто) се изјасниле дека веќе развиваат финтек-производи или услуги, а слична е и состојбата кај компаниите за алтернативно финансирање коишто зедоа учество во Анкетата, при што 52 посто од нив одговориле дека веќе вовеле финтек-решенија, се вели во соопштението.

Кога станува збор за испитаниците од групата регулатори, поголемиот дел од нив, или солидни 76 проценти, сметаат дека тековната регулатива треба да се приспособи кон новите иновативни компании, а 71 посто од испитаниците од групата инкубатори, акцелератори и потенцијални инвеститори сметаат дека државата треба да ги поттикне инвестициите во потенцијални финтек-компании.

Во своето обраќање, гувернерката на Народната банка посочила дека примената на иновативни решенија во финансиската сфера може да донесе огромни придобивки за граѓаните и компаниите, финансискиот систем и целокупната економија. Финтек-решенијата би овозможиле влез на нови учесници и деловни модели на пазарот, раст на конкуренцијата, раст на ефикасноста и трансформација на финансиските услуги.

– Во периодот што претстои, нашата енергија ќе ја насочиме кон активности за повеќе прашања поврзани со финтек-секторот, преку координација со сите засегнати страни во екосистемот. Планираме да му посветиме посебно внимание на развивањето ефективна регулатива за заштита на потрошувачите во областа на финансиските услуги. Ќе работиме и на поставувањето критериуми за процесот на лиценцирање за новите учесници на пазарот. Ќе ја разгледаме можноста за обезбедување регулаторен простор за да можат компаниите да ги тестираат новите иновативни решенија во безбедно контролиран простор (Regulatory Sandbox). Оваа регулаторна алатка има значителен потенцијал за поттикнување финансиско вклучување и за испраќање сигнал до учесниците во финтек-индустријата дека регулаторот е отворен за иновации. Сите овие прашања ќе бидат дел од првата Национална стратегија за финтек-секторот, како една од нашите стратешки цели во наредниот период, истакна Ангеловска-Бежоска.

Како што беше истакнато на настанот, ЕФСЕ има значителен придонес во развојот на финансиите во Северна Македонија, преку обезбедување заеми за развојни финансии во износ од 110 милиони евра и 36 остварени проекти за техничка помош. Уште од самиот почеток на соработката, ЕФСЕ нагласи дека развојот на финтек-секторот во нашата земја бара создавање побарувачка преку подигнување на свеста за примената на иновативни технологии во областа на финансиите, поддршка на иновациите, на претприемачите и иноваторите, напори за координација на сите засегнати страни и отстранување на пречките за развој преку регулаторни олеснувања.

На настанот биле презентирани и активностите на Работната група за финтек-секторот во рамките на Народната банка, со која се воспостави т.н. Порта за иновации, како платформа за комуникација на Народната банка со иновативната бизнис-заедница (финтек-секторот) и други релевантни институции.

– Засега, најголемиот дел од барањата за консултација испратени до Портата за иновации се од компании од земјата со иновативни деловни модели, односно бизнис-идеи, а има интерес и од физичките лица. Малку повеќе од 30 посто од субјектите коишто се имаат обратено до Народната банка преку Портата за иновации се од странство, што укажува на интерес на меѓународниот финтек-сектор за потенцијални странски вложувања во нашата економија. Според активностите, повеќе од третина од прашањата и предлозите упатени до Портата за иновации се однесуваат на иновативните, односно алтернативните плаќања, по што следат прашањата од криптосферата, како и прашања во врска со регулативата, е-трговијата, дигиталните валути на централните банки итн., се наведува во соопштението.

Како што беше посочено на настанот, дел од експертите на Работната група за финтек-секторот во Народната банка од неодамна се вклучени и во работните групи за финансиски иновации формирани од Банката за меѓународни порамнувања (БИС), со што нашата централна банка ги следи и учествува во оформувањето на најновите меѓународни согледувања и регулативи за финтек-секторот.