Две златни медали за Винарија Камник на светски вински натпревари


– Carménère 2019 на Винарија Камник доби златен медал на светски реномираниот International Wine Challenge 2021, каде што освои 95 поени и е единствен златен медал за македонско вино. Оценувачите го опишаа Carménère 2019 како ароматично, со ноти на црна слива, хербални тонови и зачински нишки на ванила и пиперка, свежо и со прекрасна завршница.


 

International Wine Challenge е признат како најригорозен, непристрасен и највлијателен годишен вински натпревар во светот. Ригорозниот процес на оценување на IWC подлежи на најмалку три одделни „слепи“ дегустации при што секое вино се категоризира според доследноста на стилот, регионот и бербата.

Винарија Камник пред само неколку месеци го лансираше Carménère 2019 како прво вино во земјата и регионот што е направено 100% од истоимената сорта грозје. Со својот изразено зачински вкус и чист состав, како и инстантниот успех на Carménère 2019, се открива Македонија како регион со извонреден потенцијал и за оваа сорта.

Златен медал, исто така, доби и Winemakers Selection 2019 на Frankfurt International Wine Trophy 2021. Winemakers Selection 2019 e црвено суво вино добиено со фузија на врвни сорти грозје од сопствените насади на винaријата Камник – Vranec, Merlot и Carmenere. Се одликува со комплексна арома, истакнат овошно-зачински карактер којшто потсетува на зрела цреша, дополнет со дискретни ванилински поттонови.

Реномето на Frankfurt International Wine Trophy, е изградено врз специфичен и строг метод на оценување. Меѓународната жири комисија е составена од експерти и искусни познавачи, а при оценувањето се користи скала за сензорна анализа според критериумите на Меѓународната организација за вино и винова лоза.

Винаријата Камник постои повеќе од 15 години и претставува синоним за динамична и модерна средина во која креативноста и науката создаваат современа експресија на автентичната македонска традиција на правење вино. Резултатот се вината на Камник, чиј квалитет и посебност се препознаени и одликувани на најпрестижните светски вински натпревари.