ДИЖС: Наместо мазут, како алтернатива на гасот БЕГ да користи еколошки енергенси


При извршената проверка на резервоарите за мазут и на начинот на постапување со отпад, вклучително и со опасен отпад во „Топлана Исток“ на Балкан енерџи груп (БЕГ), Државниот инспекторат за животна средина утврди дека количеството на мазут што БЕГ има обврска да го набавува секоја година согласно Законот за енергетика е за 15-дневна потрошувачка.



– И покрај објавувањето на годишни јавни набавки, БЕГ не набавиле, односно, не користеле мазут од 2013 година, во која биле гасифицирани. Во резервоарите нема складирано мазут, односно единствено гориво што се користи како енергенс е природен гас. Извештаите за дневна потрошувачка на гориво од страна на БЕГ изработени од Регулаторна комисија за енергетика потврдуваат дека БЕГ не користи воопшто мазут како енергенс. Меѓутоа, доколку дојде до прекин на снабдување со гас во грејната сезона во 2021 година, со потенцијално користење на мазут ќе се емитираат големи количества на штетни гасови, соопштија од ДИЖС.

Оттаму посочуваат дека неопходно е да се измени Законот за енергетика и наместо задолжувањето за набавка на мазут како алтернатива на гасот, да се бара воведување обновливи извори или други еколошки енергенси.

Од Државниот инспекторат за животна средина наведуваат дека ќе продолжат да вршат редовни контроли на топланите во БЕГ во текот на целата грејна сезона.