Димовски: Зголемувањето на минималната плата е егзистенцијална потреба на работниците


Потребата за зголемување на минималната плата на 18.000 денари е реална и егзистенцијална за работниците. Аргументите се на наша страна и не гледам причина да не биде прифатено нашето барање, вели во интервју за МИА претседателот на ССМ, Дарко Димовски.


 

Во интервјуто што во целост ќе биде објавено утре, Димовски посочува дека ваквото барање е неминовно имајќи предвид дека потрошувачката кошничка е 35.040 денари и дека на двајца работници кои земаат минимална плата им недостигаат 4.640 денари за да може да ги покријат минималните месечни потреби во семејството.

– Работникот тоа го очекува согласно ценовните шокови, енергетската криза…. Ние немаме друга надеж освен да ни се зголемат платите и да преживееме во тековниот месец, нагласува Димовски.

Изјавата на министерот за економија Крешник Бектеши дека минималната плата ќе се зголеми најмалку на 18.000 денари, но во вториот квартал од годинава, за ССМ е неприфатлива и нема смисла затоа што законски усогласувањето на минималната плата се прави во март секоја година.

– Законот е јасен. Секој март се усогласува минималната плата со три критериуми – пораст на просечната плата, пораст на трошоци и пораст на БДП. Тоа што го кажува министерот за економија за нас е неприфатливо и нема никаква смисла бидејќи во март, и да не сакаме, мора да се усогласи минималната плата, а поради ковид пандемијата и енергетската криза, сметаме дека 18.000 денари е прифатливо решение за работниците кои земаат минимална плата, а ги има над 110.000, подвлекува Димовски во интервјуто.

Паралелно со зголемувањето на минималната плата се бара и скалесто зголемување на сите останати плати. Ова, вели Димовски, е предвидено и во членот 8 од Законот за минимална плата каде е наведено дека согласно растот на минималната плата се усогласуваат и останатите плати, а дополнително во прилог на ваквото барање се и колективните договори во кои се вметнати коефициентите за сложеност на работа и степенот на образование.

– Не се почитуваат законите и колективните договори, а зошто е тоа така, ќе ги прашате работодавачите и Владата. Во член 8 од Законот за минимална плата се вели дека согласно растот на минималната плата се усогласуваат и останатите плати, а плус имаме и колективни договори на ниво на сектори и гранки каде се вметнати коефициентите согласно сложеноста на работа и степенот на образование на работникот. Работодавачите треба да кажат зошто не го даваат тој дел, а се обврзани согласно колективните договори да го прават тоа, а и Владата преку инспекциите зошто не им наложува да го сторат тоа бидејќи вака се губат добар дел од даноците што може да се земат по основ на придонеси од платите. Со тоа губат сите – и работниците и државата, потенцира Димовски.

Доколку не се зголеми минималната плата, Синдикатот најавува протести кои ќе траат до исполнување на ова нивно барање.

За зголемувањето на минималната плата, непочитувањето на недела неработен ден и за регресот за годишен одмор за јавниот сектор во понеделник е закажана средба меѓу претставници на ССМ и на Владата.

фото МИА