Дебата: Политиката треба да креира можности и да трасира пат за бизнисот


 Носителите на функции креираат можности, трасираат пат за самите стопанственици без разлика дали се млади или се веќе искусни да можат да направат исчекор. Верувам во еден пристап во кој ние никого не треба да носиме на грб за тој да се развие, туку едноставно треба да му трасираш пат и секој што има малку претприемачки дух, а младите имаат претприемачки дух, ќе го најдат својот пат. Можеби некогаш ќе скршнат од патот, но тоа е природно и тоа се предизвиците кои тие ги согледуваат и ќе ги надминат, истакна заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи на денешната панел дискусија „Механизми за поддршка на младите да го одржат сопствениот бизнис и да креираат одржливи работни места“, во организација на Фондацијата за развој на образованието и културата Албиз.


 

– Веќе девет месеци работиме на неколку подрачја. Битни се две подрачја. Од првите денови почнавме да зборуваме за Националната развојна стратегија, затоа што веројатно последните 15 години од мојата кариера бев еден од тие кој што вели каде се движиме зошто еднаш не можеме да имаме јасна одредница како држава каде сакаме да одиме. Сметам дека надвор од зборувањето, треба да се работи на тоа. Можам да кажам дека веќе сме на пола пат од Националната развојна стратегија. Дефиниравме методологија, дефиниравме инклузивен процес на сите чинители затоа што верувам дека креирањето на иденината не треба да биде заслуга на еден или на двајца луѓе или на една одредена гарнитура, туку на сите чинители во општеството, изјави вицепремиерот.

 

Вториот сегмент, според Битиќи, е Северна Македонија да биде препознаена како старт ап хаб на Балканот или како земја на можности за младите.

– Сметам и верувам дека развојот на една земја, развојот на економијата доаѓа токму од стопанството, бизнисот, не доаѓа од политичарите. Носителите на функции креираат можности, трасираат пат за да самите стопанственици без разлика дали се млади или се веќе искусни стопанственици можат да направат исчекор, рече Битиќи.

Тој верува дека идеите кои што произлегуваат од ваквите дискусии, лично за него, но и за Владата ќе служат како поттик за унапредување на политиките во насока на поддршка на младите, но и креирање на подобар старт ап еко систем во државата.

Вљора Адеми, претприемачка и основач на ИТ компанијата „Digicube” потенцира дека ако нашата земја не пречекори побрзо во насока на даночно ослободување, на механизми на атракција на инвеститори, па другите земји, како што рече, на ова побрзо и попрогресивно ќе работат и смета дека за некоја година нема да има кадар за ИТ-секторот.

– Она што мене најмногу ме загрижува е иднината на ИТ-компаниите што се веќе во земјава, а особено и човечкиот капитал – младите. Ако веќе ние не работиме во оваа насока, на даночно ослободување, на механизми на атракција на инвеститори, мислам дека другите земји побрзо и попрогресивно ќе работат и ќе бидеме во ситуација да нема кадар за нас. Тоа е многу жално. Прочитав едно истражување на МАСИТ каде се вели дека во наредните пет години ќе расте побарувачката, а ние нема да имаме чивечки капитал во ИТ-секторот. Треба да пречекориме малку побрзо во оваа насока, рече Адеми.

Таа истакна дека младата популација многу добро се совпаѓа со потребите на инвеститорите, меѓутоа кога ќе му кажете на инвеститорот дека проидонесите на плата се 35 проценти од бруто или 50 проценти од нето, тоа значи дека ако тој плаќа за еден девелопер или за еден програмер 1000 евра, ќе треба да плаќа дополнително 1.500 евра за придонеси.

 

– Од цел регион Косово, Албанија, Србија имаме најевтин човечки капитал и тоа на некаков начин ги привлекува инвеститорите, и географски имаме најдобра положба. Интересна ми беше информацијата што ја прочитав дека во последните пет години ИТ-секторот придонесува со 3,4 проценти во БДП. Никогаш досега не сме виделе толку растечки сектор колку што е динамичен ИТ-секторот. Од друга страна, за жал, во последните пет до седум години не сме виделе никакво даночно ослободување. За поздравување се сите механизми за старт ап комјунити, дигитални номади, за привлекување на инвеститори, меѓутоа даночно ослободување не сме виделе. Се зборува уште од лани дека ќе има ослободување на личен доход, но скоро сме јуни и досега ништо не е сторено. Знам дека даночното ослободување не е нешто што може да се стори преку ден, ноќ. Додека ние се уште не сме проактивни во оваа насока, ако инвеститорот е при истражување на пазарот дали да инвестира во нашата земја, ќе оди во Косово или Албанија, бидејќи веќе таму има олеснување. Во Косово придонесите за плата се три пати пониски од нашата земја. Тогаш кажете ми зошто би одлучил еден стратешки партнер да инвестира во Македонија кога има подобри поволности во Косово, рече Адеми.

Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР) рече дека нивна цел е заеднички да го трансформираат македонскиот старт ап еко систем, да се создаваат законски и финансиски можности за побрз развој на старт апите.

– Веруваме дека иднината и припаѓа на старт апите и нашата визија е Република Северна Македонија да биде регионален старт ап, рече Петров.