Четири нови земјоделски задруги со ЕУ грантови ќе инвестираат во производна опрема и маркетинг



Четири нови земјоделски задруги со ЕУ грантови ќе инвестираат во производна опрема и маркетинг - МИА

Скопје, 12 јуни 2020 () – Четири новоформирани земјоделски задруги потпишаа договори за финансиска поддршка (ЕУ грантови) за инвестиции во опрема за производство и маркетинг на земјоделски производи.


 

Како што информираат од проектот „Поддршка на развојот на земјоделските задруги“, износот на четирите потпишани договори е 161.409 евра, од кои 126.254 се поддршка преку проектот финансиран од ЕУ, а 35.155 евра се кофинансирање од страна на земјоделските задруги.

Четирите земјоделски задруги бројат 66 членови, од кои 42 отсто се жени и 65 проценти млади земјоделци.

– Инвестицијата ги подобрува капацитетите на новоформираната земјоделска задруга „Здраво и свежо“ од Ресен. Набавената опрема ја подобрува ефикасноста и конкурентноста на пазарот. Ова директно го поддржува локалното производство на храна и придонесува за ангажирање на локалното население. Овие кризни околности ни покажаа на сите колку е важно локалното производство на храна, вели Пере Транталовски, член на „Здраво и свежо“.

Средствата за поддршка на задругите се обезбедени од проектот „Поддршка на развојот на земјоделските задруги“, финансиран од ЕУ, спроведуван и кофинансиран од „CARE Германија е.В.“ и Македонската развојна фондација за претпријатија, во координација со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Финансиски се поддржани вкупно 21 земјоделска задруга со над еден милион евра. Заедно со кофинансирањето од земјоделските задруги, инвестициите надминуваат 1,4 милиони евра.