Царовска: Со проектите за локална и регионална конкурентност ја подобруваме туристичката понуда на државата


Царовска: Со проектите за локална и регионална конкурентност ја подобруваме туристичката понуда на државата - МИА

Скопје, 6 август 2020 () – Вкупно 61 потпишан проект од кои 25 целосно реализирани и 36 во тек, нотира полугодишниот извештај за Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) чија цел е да се унапреди туристичкиот сектор во државата.


 

Извештајот се однесува на периодот ноември 2019 – јуни 2020 година, а беше разгледан на зум состанокот на Управниот одбор на ПЛРК што го одржа вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска. На состанокот присуствуваа и преставникот на Европската комисија Никола Бертолини, преставници од Светска банка, како и преставници од проектната единца.

Царовска оцени дека проектите течат според предвидената динамика и дека придонесуваат за поголема развиеност на локалните заедници во атрактивни туристички дестинации.

Како што соопшти Кабинетот на вицепремиерката, меѓу позначајните проекти се: целосна реконструкција на Офицерскиот дом во Битола, реконструкција и пренамена на стар објект во мултимедијален центар во Општина Вевчани, изградба на вештачка планинарска карпа и поставување на друга урбана опрема во Крушево, изградба на адреналински парк во Карпош и уште неколку други прокети со кои се придонесува за поголем и побрз развој на езерскиот, винскиот и екотуризмот низ државата.

Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) е четиригодишна операција за инвестиции, поддржана од ЕУ преку фондови од ИПА 2 наменети за конкурентност и иновација во Северна Македонија. ПЛРК е управуван како хибриден фонд и се состои од четири компоненти, извршени од страна на Светска банка и Владата. Проектот овозможува фондови за инвестиции и градење капацитети за поддршка на развојот на секторот, инвестиции за развој во дестинации и специфични дестинации. На локално и регионално ниво, проектот поддржува селектирани туристички дестинации во земјата преку комбинација на техничка поддршка за развој на управувањето со дестинации, инвестиции во инфраструктура и инвестиции во поврзување и иновативност. Инвестициите се реализираат со грант шема во регионален туризам, како што се локалната самоуправа, институциите, НВО и приватниот сектор. Вкупниот буџет на проектот е 22.914.925 евра.