„Брако“ втора година по ред партнер во спроведувањето на дуалното стручно образование


„Брако“ е сертифицирана компанија што веќе втора учебна година по ред спроведува дуално стручно образование според стандардите на Асоцијацијата на германските комори за индустрија и трговија (DIHK).


 

Компанијата ги пренесува практичните знаења и вештини во создавањето квалификувани кадри од областа на современото машинство.

Како што информираат од „Брако“, по завршувањето на средното образование се отвора можност овие кадри да бидат вработени и директно вклучени во производствени технолошки процеси за кои стекнале не само теоретски, туку и практични вештини.

Според компанијата, тоа е „вин – вин“ ситуација од која сите би имале краткорочна и долгорочна полза.

-За време на практичната настава, учениците не само што одблизу ги запознаваат работните процеси и задачи, туку тие посетуваат и курсеви за безбедност при работа, се запознаваат со процедурите и начинот на работа во компанијата. Содржините се со наставни програми, а за тоа се задолжени сертифицирани ментори. Теоретскиот дел се реализира во Средното стручно училиште „Коле Неделковски“ од Велес: „Теорија во училиште, пракса во фабрика“. За исклучителниот придонес во развојот на воспитно – образовната дејност, училиштето додели и Благодарница на „Брако“ со очекување дека оваа стручна наобразба со комбинирање на теоријата и праксата, ќе продолжи и понатаму, велат од „Брако“.

Конкретните чекори за старт на овој проект ги презема Делегацијата на германското стопанство, развивајќи две квалификации: „Техничар за индустриска мехатроника“ и „Техничар за производно машинство“. Квалификацијата од машинската струка, „Техничар за производно машинство“ е воведена во учебната 2019/2020 година, интегрирајќи знаења од областа современото машинство и информатика.

Билатералниот AHK-DIHK сертификат потврдува дека лицето кое се обучува се стекнува со клучните стручни компетенции од соодветниот германски образовен профил. На први септември минатата година четвртата генерација ученици во земјава почна со дуално – стручно образование.