Битиќи: Природниот гас ќе придонесе за заштита на животната средина и поголема конкурентност на економијата



Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се сретна со директорот на АД Национални енергетски ресурси, Бајрам Реџепи, со кого разговараа за динамиката на изградба на примарниот гасоводен систем, текот на избор на изведувач на дистрибутивната гасоводна мрежа, како и гасното поврзување со Грција и останатите соседни земји.



Вицепремиерот нагласи дека се продолжува со процесот за избор на компанија, која по принцип на јавно-приватно партнерство би го градела, одржувала и управувала дистрибутивниот систем.

„На овој начин истовремено би се работело на изградба и ставање во функција на примарната и секундарната гасоводна мрежа, а крајна цел е граѓаните и компаниите да добијат диверзифицирани можности за снабдување со енергенси, а со користењето на природниот гас како енергенс би се придонело за заштита на животната средина, заштеда на финансиски средства и поголема кокурентност на компаниите“, посочи Битиќи.

Вицепремиерот и директорот на НЕР зборуваа и за плановите за изградба на интерконективниот гасовод со Република Грција, со кој ќе се диверзифицираат и изворите за снабдување на земјата со природен гас.

„Со ова, освен досегашната конекција со Република Бугарија, ќе се добие уште еден извор за снабдување на земјата со природен гас, а воедно ќе ја позиционира Северна Македонија како регионален хаб за природен гас, кој потоа може да се дистрибуира во некоја од соседните земји“, беше посочено на средбата.

Вицепремиерот Битиќи и директорот Реџепи ги истакнаа своите споделени намери процесот на гасификација да се реализира со најбрза можна динамика, при што се согласија континуирано и заеднички да ги следат сите тековни процеси и да работат на ефикасна реализација на проектите кои се планирани.