Бислимовски: Загубите на вода до 60 отсто, да се објасни за што се троши секој денар и колкави се инвестициите во комуналните претпријатија


Последните податоци покажуваат дека немаме однос кон водата како природен ресурс и загубите на национално ниво достигнуваат до 60 отсто поради лошата инфраструктура и поради отсуство на инвестиции на јавните претпријатија. Секој пат кога се определува опсег на тарифа, советите на општините најчесто ја одбираат тарифата во чија структура степенот на инвестиции е на најниско ниво и подразбира базично одржување на мрежата, рече претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски кој заедно со колегите од регионот и ЕУ потпиша Меморандум за соработка во областа на водните услуги.


 

Ова, оцени Бислимовски, е проблем со кој се соочуваат сите во регионот.

-Неопходно е да се објасни секој денар за што се троши и колку инвестиции се реализираат во комуналните претпријатија, подвлече претседателот на РКЕ.

Меморандумот беше потпишан во Тирана од страна на  регулаторните комисии за енергетика на Северна Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора, како и Асоцијацијата на регулаторни тела на Европа за водни услуги (WAREG). Целта е заеднички изнаоѓање решенија за менаџирање на водните услуги.

Како што информира РКЕ, регулаторите се обврзаа и преку заедничка соработка да ја усогласат домашната регулатива со законите на ЕУ.

-Документот е резултат на досегашните заеднички билатерални програми за соработка во рамки на WAREG за зајакнување на институционалните капацитети на регионално ниво. Делиме исти предизвици, а клучен постулат во нашата работа е на сите потрошувачи да им се обезбеди правото на вода, која треба да е високо квалитетна и достапна по тарифа која ќе гарантира и инвестиции во мрежата со цел да се намалат загубите, нагласи Бислимоски, додавајќи дека оваа фаза од процесот на реформи во секторот води во земјите од регионот е неизбежна и од голема важност за доверливи, одржливи и економични системи за регулација на водните услуги.