„Балкански награди на туристичката индустрија 2022“ во Софија: Политичките односи не можат да влијаат на туризмот

Претседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија, Аркан Керим, е добитник на специјална награда за посебен придонес и достигнувања во работењето на полето на туризмот на Балканот, а хотелскиот комплекс „Aurora Resort & Spa“ од Берово ја доби наградата за најдобар спа хотел на Балканот, на престижната манифестација „Балкански награди на туристичката индустрија 2022 година“ која се одржа синоќа во Софија.

– Добивањето на оваа специјална награда е голема чест за мене како претседател на ТУК но и признание за постигнатиот успех на Комората која ја водам во изминатиот период. Верувам дека бизнисите, посебно туризмот може да бидат мост за соработка и приближување меѓу двете земји посебно во овие турбулентни времиња во односите помеѓу нашите две земји и затоа тајмингот на добивањето на наградата е одличен и испраќа позитивни сигнали за туристичките работници од двете соседни земји Бугарија и РС Македонија. Во изминатата година направивме промени во функционирање на комората кои се препознаени и признаени, истакна Керим.

За МИА во Софија, Бојан Аврамовски, претставник од „Aurora Resort & Spa“ од Берово, изјави дека е среќен што нивниот комплекс ја добил наградата.

– Среќни сме што најдобриот спа хотел на Балканот, тоа ни дава повеќе можности за работа и го прави комплексот поатрактивен. Хотелот е најпосетен од Македонците, но кога станува збор за соседните земји, најголем процент на гости имаме од Бугарија, а во помала мера се туристите од Грција. За празниците Бугарите во голема мера го резервираа хотелот за пречек на новогодишните празници во Берово, истакна Аврамовски.

Тој додаде дека дека контактите со колегите од другите балкански земји во областа на туризмот се прекрасна можност за градење на меѓусебна соработка.

– Политичките односи не можат да влијаат на туризмот, а нашиот хотелски комплекс е презадоволен од соработката со бугарските туристички агенции и колегите од индустријата, нагласи Аврамовски.

Патриција Кирилова, претставничка на „Вип комуникејшн“, организацијата која веќе осма година ги доделува балканските туристички награди, за МИА, истакна дека доделувањето на туристичките награди е за да се обединиме и да покажеме дека Балканот е нешто уникатно за Европа и светот.

– Нашиот крај има прекрасна природа, прекрасна храна и топли луѓе, кои сите ги сакаат. Доделувањето на наградите во Северна Македонија е со цел да се покаже какви убави места има таму. Скопје е интересен европски град и нема никаква врска со тоа како го претставуваат Бугарите. Имаат многу убави ресторани и услугата е врвна, нагласи Кирилова.

Таа додаде дека „Aurora Resort & Spa“ од Берово, е многу познат во регионот и дека нема конкуренција.

– Тој хотел го претпочитаат многу бугарски гости. Таму се чувствувам како да сум дома, бидејќи семејната историја ми е позврзана со тој град. Често ја посетувам Македонија и не сум забележала локалните жители да бидат агресивни кон Бугарите. Не ми е јасно како во Бугарија се наметнува мислењето дека Македонците се негативно настроени кон БУгарите. Луѓето не сакаат, зборуваме без преведувач и сакаме едни исти нешта. Многу е манипулативно тоа што се гледа во политиката и медиумите во двете земји, дека има агресија меѓу двата народи, а нема, потенцираше Кирилова.

Facebook
Twitter
LinkedIn