Азески: Владата да се однесува одговорно и да им помогне на компаниите


Во ваква ситуација да донесеш ребаланс на Буџетот значи да се прилагодиш на ситуацијата и во тоа не гледам ништо друго освен намалување на непродуктивните трошоци, задржување на економската активност и на работните места. Ние однапред кажавме дека ситуацијата е тешка, па не знам кој би можел и нешто друго да изведе, рече денеска претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.


 

Одговорајќи на новинарски прашања по средбата со поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, Азески апелира Владата максимално одговорно да се однесува и да им помогне на компаниите, а тоа може да се реализира само ако, рече, сите се движат кон утврдените приоритети.

-Чекаме да видиме што ќе се случи со ребалансот, па да седнеме со Владата и да разговараме. Мерките што ќе ги предлагаме ќе бидат во насока да се задржи постојното ниво на економска активност и на работните места. Не загрижува проблемот со скапите суровини и нивната набавка, но и цената на струјата. Треба да се подигне степенот на домашно производство и рационално да се троши енергијата. Понудивме и други решенија како јавно-приватно партнерство во електропроизводството, а имаме и предлози како да се менаџираат јавните набавки. До крајот на годината не треба да се носат нови даночни задолжувања, треба да има и предвидливост, потенцира Азески.

Тој подвлече и дека стопанството покажа дека може да се носи со вакви предизвици.