АД ЕСМ ја исклучи ХЕЦ Св. Петка и го стави на минимум производството во ХЕЦ Козјак со цел намалување на нивото на Вардар

brana

Хидроелектраната „Св. Петка“ е исклучена, а во ХЕЦ Козјак е оставен да работи само еден агрегат со цел да се намали нивото на реката Вардар, соопшти вечерва АД ЕСМ.

– По информацијата за покаченото ниво на реката Вардар, во координација со ЦУК, од страна на АД ЕСМ е пристапено кон промена на режимот на работа на хидроелектраните во склоп на хидросистемот Треска. Намалено е производството на електрична енергија од хидроелектраната Козјак, каде е оставен во функција само еден агрегат, додека хидроелектраната Св. Петка е надвор од употреба. Не работи и хидроелектраната Матка која е во сопственост на ЕВН, информираа вечерва од АД ЕСМ.

Оттаму додаваат дека намалувањето на производството во дел од хидроелектраните нема да влијае на снабдувањето со електрична енергија и ќе се дополни преку останатите производни капацитети.

– Во текот на ноќта се очекува стабилизирање на дотоците, се наведува во соопштението.

Центарот за управување со кризи побара намалување на истекот на Козјак и Матка по добиените известувања преку бројот за итни повици 112 во регионалниот ЦУК Скопје дека Вардар се има излеано во реонот на Зелениково и има зафатено 15 до 20 метри од нивите.

Facebook
Twitter
LinkedIn