#FITRCLASSROOM: С Македонија со национална стратегија за вештачка интелигенција


 Предизвици и можности со кои се соочуваат иновативните компании од областа на вештачка интелигенција во Република Северна Македонија беше темата на последниот #FITRClassroom, организиран од страна на ФИТР.


 

Свои размислувања и искуства на темата презентираа претставници на компании кои со поддршка од ФИТР успеаа да развијат успешни проекти од оваа индустрија: Светлана Кордумова Трајанова-Pixyle.ai, Христијан Ѓорески од Aidea Lab, Нино Карас од Codewell unlimited, Дашмир Истрефи од Hoyo Tech и Александар Савески од компанијата Si-mAInd.

– ФИТР ќе продолжи да биде двигател на промените во општеството. Затоа ќе иницирам во Владата да се креира работна група која ќе работи на Националната стратегија за вештачка интелигенција, која ФИТР институционално ќе ја предводи. А која потоа ќе влезе и во големата слика за развојот на државата, а тоа е Националната развојна стратегија 2021-2041, рече во обраќање Фатмир Битиќи, вицепремиер задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции.

Иницијативата за креирање на Национална стратегија за вештачка интелигенција претставува почеток на заложбите на Владата и ФИТР која ќе овозможи дигитална трансформација на целата индустрија, ќе им овозможи на компаниите да ги надминат предизвиците со кои се соочуват и ќе создаде можности за развој на вештачката интелигенција од страна на компаниите.

– Оваа индустрија има голем потенцијал за развој во нашата земја, но сепак факт е дека потребни им се огромни финансиски средства на компаниите за да започнат. Со креирањето на Национална стратегија за вештачка интелигенција, ќе им дадеме шанса на многу иновативни стартап компании да ги реализираат своите идеи и проекти. Бројката од 6 компании од областа на вештачка интелигенција кои се поддржани од ФИТР, во износ од 441.737 евра, се надевам дека во иднина ќе прерасне во многу поголема бројка на иновативни компании кои сме ги поддржале, истакна Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Претставниците на #FITRCLASSROOM потенцираа дека пристапот до дата центри, потребата од соодветно образование, како и потребата од моќна опрема се главните предизвици со кои се соочуваат компаниите кои развиваат иновации базирани на вештачка интелигенција. Од ФИТР посочуваат дека сите пртставници биле сложни дека донесувањето на Национална стратегија за вештачка интелигенција ќе им донесе многу придобивки за нив како компании кои веќе развиваат иновации но и за сите кои сакаат да започнат да развиваат во оваа насока. Истото мислење го делат и Светлана Кордумова Трајанова, од компанијата „Pixyle.ai“ и Дашмир Истрефи од „Hoyo Tech“ кои истакнаа дека раните успеси на ова поле се сеуште на почеток, но тие веруваат дека Македонија има потенцијал да ги следи и применува ваквите иновации и набрзо сите да ги осетат придобивките од оваа револуционерна технологијата

Според Христијан Ѓорески, претставник од компанијата „Aidea Lab“, вештачката интелигенција како следен неизбежен чекор во дигитална револуција, е огромна можност и потенцијал за малите држави, уште повеќе за малите фирми – стартапи. – Можеби звучи контрадикторно, но тоа што се мали, стартапи ги прави флексибилно, прилагодливи, им дава можност да прават “ефтини” грешки. И најбитно од се, им дава можност релативно лесно да тестираат на мал пазар – нови, храбри, револуционерни идеи и со тоа да ја покажат нивната вредност и изводливост, изјави Ѓорески.

За моќта која ја поседува вештачката интелигенција, зборуваше Александар Савески од компанијата „Si-mAInd“, кој има развиено проект Мила АИ со кој има можност да ја позиционира Северна Македонија во првите три земји во светот по технолошки развој во сферата на вештачка интелигенција. – Мила АИ е прва технологија во светот која е способна покрај интелигентни да прави и емоционалини расудувања за околината и тоа го прави 40 пати по ефикасно од моментално најактуелните технологии кои се применуваат во светот, посочил Савески.