Закоњшек: Иднината на македонскиот транспорт е во железницата


ЕУ одлучи 2021 да биде Европска година на железницата со што во регионот се создаде можност за влијание на ставањето фокус на инвестициите во железницата.


 

Што тоа ќе значи за Северна Македонија и можностите за поврзување со главните градови во регионот, кои проекти на ЕК се во Економскиот инвестициски план за Западен Балкан, проширувањето на зелените коридори кон земјите-членки на ЕУ, за безбедната инфраструктура и првиот Самит посветен на железницата, МИА во Белград разговараше со Матеј Закоњшек, директор на Транспортната зедница на ЈИЕ (Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Србија, Косово и Црна Гора).

Господине Закоњшек, зошто иднината на С.Македонија е во железницата и зошто развојот на железничката инфраструктура и реформите во железницата се од важност за земјата?

-Како вид на транспорт што има најмало влијание врз животната средина, железницата во Европската унија е одговорна за помалку од 0,5 проценти од вкупната емисија на стакленички гасови од транспортот. Со ова, железницата е најодржлива форма на патнички и товарен транспорт и тоа е причината зошто сакаме патувањата со железницата да ги направиме возможни и привлечни за граѓаните и стопанството во Западниот Балкан. Меѓу другите придобивки, треба исто така да се истакне дека железницата е исклучително безбедна. И покрај сите овие придобивки, сосема мал дел патници и стока се превезуваат со железница во регионот на Западен Балкан. ЕУ одлучи 2021 да биде Европска година на железницата. Со тоа ќе се создаде можност позитивно да се влијае на ставањето фокус на инвестициите во железницата.

Целокупниот железнички систем и мрежа во Западниот Балкан е далеку од задоволителен. Обемот на транспортот на патници и на стока, има негативен тренд во последните десетина години, иако инвестициите во инфраструктурата во текот на истиот период изнесуваат околу две милијарди евра. Нашите граѓани треба да имаат придобивки од овие инвестиции. Ова е особено важно и за С.Македонија, каде железницата има и посебно историско значење. Една од првите железнички линии во регионот е пругата од Солун до Скопје долга 243 километри. Линијата била ставена во употреба во 1873 кога целиот овој регион бил дел од Отоманската империја. Железницата во С.Македонија треба да си го врати стариот сјај и многу повеќе да се користи за патничкиот превоз и превозот на стока. Градот Скопје треба да биде поврзан со другите градови во регионот како Солун, Белград, Софија, Приштина и Тирана со брз, сигурен и безбеден железнички сообраќај.

-Што има направено досега С.Македонија во оваа насока и што треба допрва да се направи или да се подобри?

Проектите и политиките треба да се реализираат заедно.Оттука, сакаме да видиме дека инвестициите во инфраструктурните проекти се случуваат истовремено и со реформите во политиките на железничкиот сектор.

За време на Европската година на железницата, ќе продолжиме да ги промовираме добрите резултати и многу сум задоволен што можам да споменам неколку позитивни примери од С.Македонија. Новиот Закон за железнички систем е подготвен и треба да се усвои оваа година. Главна новина е дека јавната железничка инфраструктура ќе биде достапна и за приватни корисници, и тоа значи дека С.Македонија ќе ја исполни првата цел – отворање на железничкиот пазар на национално ниво. Отворањето на националниот железнички пазар за патници и стока ќе ја подобри конкурентноста во железничкиот сектор, ќе придонесе кон поголемо техничко усогласување и развој на прекуграничните рути.

Транспортната заедница работи на воспоставување на дирекни железнички линии помеѓу главните градови во Западен Балкан и на воведување на електронски регистар на железничката инфраструктура. Оддржувањето на добри односи и дијалогот за сите отворени прашања ќе биде од клучно значење за новиот билатерален договор за гранично управување со Грција. Ова е од особено значење за да се искористи целосниот потенцијал и придобивките од инвестициите во инфраструктурата.

Паневропските коридори VIII  и X, кои поминуваат низ С. Македонија, ја прават земјата клучна транзитна точка. Од една страна, Коридорот X е вашата порта кон ЕУ, додека Коридорот VIII е клучен за поврзувањето на Црното море со Јадранското и Јонското море. Железничкиот Коридор VIII помеѓу Скопје и границата со Бугарија е идентификуван како еден од клучните проекти во документот на Европската комисија, на Економскиот инвестициски план за Западен Балкан. С.Македонија треба да ја искористи оваа прилика. Реализацијата на овој проект има големо регионално значење и отвора нови можности за слободен проток на патници и стока. Ќе овозможи железничко поврзување на С.Македонија со Бугарија, земја-членка на ЕУ и понатаму со Турција и Азија.

Друг важен инфраструктурен проект што ќе го олесни транспортот во регионот е заедничката железничка станица Табановце со Србија. Кога ќе биде конечно завршена, оваа железничка станица ќе овозможи заедничка работа на железничките служби, царината, граничната полиција и инспекциските служби од Србија и С.Македонија, а со тоа и ќе го намали времето на чекање на патниците од 1 час и 30 минути на помалку од 30 минути. Што се однесува на превозот на стока, времето на чекање ќе се намали за 50 проценти. Се надеваме дека овој проект ќе биде завршен до крајот на следната година.

-Дали постојат планови за проширување на зелените коридори и за заедничките гранични премини на ЕУ со Западен Балкан и како се одвива соработка помеѓу ЕУ и С.Македонија што се координара преку ТЗ на проширувањето на трансевропските транспортни коридори?

Инфраструктурните проекти што ги спомнавме погоре се исто така сигнал дека С.Македонија е посветена да работи заеднички со регионалните партнери, соседите и земјите-членки на ЕУ, за да се овозможи непречено и безбедно преминување на границите. Иницијативата за Зелени коридори, предложена заеднички од Транспортната заедница, Централно европската иницијатива за слободна трговија (CEFTA) и Советот за регионална соработка (RCC) на самиот  почеток на КОВИД-19 пандемијата, обезбеди непречен тек на основни стоки во рамките на Западниот Балкан. Зелените коридори оневозможија воопшто да се појави недостаток на медицинска опрема во регионот.

Со оглед дека Зелените коридори се покажаа како успешна иницијатива во регионот и со оглед дека ЕУ е најважниот трговски партнер на земјите од Западниот Балкан, следен чекор е проширување на зелените коридори кон земјите-членки на ЕУ, што за С.Македонија би значело создавање и оддржување на зелените коридори на границите со Грција и Бугарија.

Концептот на Зелени коридори како одговор на една ургентна ситуација, лесно може да се претвори во ефикасен и ефективен систем на гранични услуги помеѓу земјите од Западниот Балкан и ЕУ. Во оваа насока, Транспортната заедница и ЦЕФТА заедно изработија патоказ, кој сега се разгледува со надлежните служби. Се формира координативно тело со цел да се осигура дека сите евентуални органичувања поврзани со транспортот, транспарентно да се споделуваат и да не се преземаат унитерално од некоја од земјите. Истовремено и превозниците (возачите) се исклучени од таквите ограничувања.

Зошто активностите на Транспортната заедница во регионот и С.Македонија се насочени и кон нагласување на важноста на безбедноста на патиштата?

-Инвестициите во железницата придонесуваат се повеќе товарниот сообраќај наместо по патиштата да се реализира со железница и со тоа на подобрување на безбедноста на патиштата. Затоа активностите на Транспортната заедница во регионот се насочени токму и кон нагласување на важноста на безбедноста на патиштата. Во Западниот Балкан, бројот на повредени и загинати во сообраќајни несреќи е сѐ уште над просекот на ЕУ. Соодветно на тоа, нашиот Акциски план за безбедност е насочен кон постигнување на Целта 0, односно 0 жртви и сериозно повредени на патиштата до 2050. Во С. Македонија на патиштата во 2019 изгубени се 64 животи на милион жители. Во 2020, веројатно поради рестрикциите наметнати од пандемијата, забележана е рекордно најниската стапка на жртви. Овој тренд треба да се продолжи се додека не се стигне до 0 животи изгубени на патиштата во С.Македонија.

Со цел да се заштитат животите на учесниците во сообраќајот, треба да се обезбеди безбедна инфраструктура. Затоа ние се фокусираме на подобрување на ризичните делници на патиштата, каде бројот на жртви е најголем. Една таква идентификувана ризична делница е делницата Прилеп – Битола, во должина од 42 километри, на која има потреба од инвестиции помалку од два милиони евра, што е мала цена споредено со бројот на животи што може да се спасат.

Во рамки на одлуката на ЕУ 2021 да биде Европска година на железницата, кои важни настани ги планира Транспортната заедница на ЈИЕ во 2021 ?

Со цел да се нагласи важноста на железницата, на 8-ми јули 2021 година, Транспортната заедница заедно со ЕБРД и ЕИБ, ќе го организира првиот Самит посветен на железницата и со тоа ќе се обележи Европската година на железница. Настанот ќе го собере на едно место целиот регион, меѓународните организации, организациите вклучени во транспортот и универзитетите. Целта на овој самит е да се стави железницата високо на агендите на земјите од регионот и да се продолжи со напорите во обезбедување на безбеден, ефективен, интероперативен, дигитализиран, оддржлив и зелен транспортен систем кој што ќе ги подобри животите на луѓето.

Оливер Бранковиќ