Вучиќ: Србија не може да ја остави Република Српска без подршка


– Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека не сака да влегува во мерки и контрамерки во БиХ по одлуката на високиот претставник Валентин Инцко затоа што се работи за друга земја, но додаде дека Србија не може да ја остави Република Српска (РС) без економска поддршка и во било кој друг поглед, јави дописникот на МИА од Белград.


 

Вучиќ по повод одлуката за забрана за негирање на геноцидот во Сребреница, оцени дека „наметнувањето и октроирањето одлуки однадвор никогаш не може да донесе добри резултати“.

-Внимателно ги следиме настаните во Сараево и Бања Лука и се плашам дека атмосферата во БиХ е најжешка од крајот на војната и потпишувањето на Дејтонскиот договор, изјави Вучиќ пред новинарите, оценувајќи дека е време Србите и Бошњаците да почнат да разговараат како да соработуваат, а не да дејствуваат едни против други.

Тој повтори дека мирот во регионот е предуслов за каков било напредок и им порача на оние што велат дека РС „губи“ дека „никогаш не победил оној на кого странецот му помогнал во наметнувањето одлуки на Србите“.

Тој најави дека на 4 август во Бусија кај Батајница ќе биде одбележана 26-годишнината од прогонот на Србите во хрватската операција „Олуја“, која тој ја нарече најголемо етничко чистење во Европа по Втората светска војна, како и дека тогаш ќе разговара со Раководството на РС.