Вучиќ и Дачиќ за настаните во Русија: Србија никогаш нема да поддржи пуч во ниту една земја

dacic_vucic_456464565
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 Српскиот претседател Александар Вучиќ коментирајќи ги вчерашните случувања во Русија изјави дека Србија никогаш нема да поддржи државен удар во ниту една земја и каков било пуч со употреба на армијата, јави дописникот на МИА од Белград.

-Тоа не го подржавме ниту во Турција, не би го поддржале ниту во Америка. Тоа се работи што не смеете да ги дозволите. Власта се менува на избори, по волја на граѓаните, рече Вучиќ на ТВ Пинк.


Тој изјави дека овој настан ќе има последици, како на ситуацијата на бојното поле во Украина, но и на внатрешно-политичката ситуација во Русија. Тој истакна и дека „не сака да зборува кој однадвор го поддржал бунтот, но дека нема сомнеж дека постои помош од странство“.

Исто така, Вучиќ рече дека е грешка што Русија му дала на Вагнер огромна моќ.

-Кога ќе видите некои бизнисмени, штом ќе зграпчат милиони, мислат дека треба да ја уредат државата и целиот свет и да назначуваат кого сакаат. И мислат дека се постигнале без помош на државата. И замислете да дадете некому 3.000 тенкови, 10 авиони, 150 хеликоптери, што ќе помисли тој во еден момент, рече Вучиќ.

Тој додаде дека прашањето за одбраната е задача на државата и дека Србија направила слична грешка во 90-тите години, која Русите ја повторуваат сега.

-Исто како што Зеленски згреши со своите изјави и го поддржа Вагнер, рече Вучиќ.

На прашањето како слабеењето на Путин ќе се одрази на Србија, Вучиќ рече дека може да зборува за тоа, но не сака.

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, рече дека Србија не се меша во внатрешните работи на другите земји, па така е и со настаните во Руската Федерација, порачувајќи дека официјален Белград ги почитува легалните органи на секоја земја, затоа што на власт се доаѓа и таа се напушта преку избори.

Тој нагласи дека треба да се извлечат поуки од обидот за вооружен бунт во Русија за влијанието на приватните паравоени компании врз војната, како и за мирнодопските настани.

-Ситуацијата сега е нормализирана, но остануваат прашањата кој бил цел на сопственикот на приватните паравоени сили „Вагнер“ Евгениј Пригожин – претседателот Владимир Путин или военото раководство, рече Дачиќ.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK