Втор ден неработен ден во Атина поради снегот


– Поради невремето „Елпида“ и снегот што предизвика сериозни проблеми, иако снежната покривка не надминува половина метар, во областа Атика, поширокиот регион на Атина и денешниот ден, исто како и вчера е прогласен за неработен ден, јави дописничката на МИА од Атина.


 

Оваа одлука важи и за уште пет други грчки региони, меѓу кои и Кикладските острови, Крит и Евија.

Од вчера наутро во Атина запреа обилните врнежи од снег, меѓутоа останаа проблемите.

Повеќе атински населби над 24 часа се без електрична енергија, улиците сè уште не се целосно исчистени, а околу 500 возила и понатаму се наоѓаат на автопатот што ги поврзува атинските предградија, каде што возачите ги оставија откако беа заглавени поради снегот.

Процените се дека на конкретниот автопат биле заглавени околу 4.500 лица и 2.500 возила, а за помош интервенираше и војската, која и рано утрово го чистеше снегот.

За сериозните проблеми што снегот ги создаде во поширокиот дел на Атина, се очекува грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис да излезе со став за време на денешната владина седница.