Во Словенија изолацијата за омикрон скратена од десет на седум дена


 Поради брзото ширење на сојот омикрон во Словенија од денеска се скратува десетдневниот период на изолација на заразените, па тие ќе можат да се вратат на работа по седум дена, доколку добијат негативен тест.


 

Во „дежелата“ во последните 24 часа три четвртини однаправените тестови биле позитивни, односно од 11.104 тестирани регистрирани се 8.396 нови случаи на инфекција со коронавирус.

Бројот на новозаразени е помал од претходниот ден, но е за 60 отсто поголем од пред седум дена, пренесе Хина.

Владата одлучи да ја скрати изолацијата за да спречи персоналниот колапс на есенцијалните дејности, но и на целата економија, поради големиот број луѓе во карантин и изолација.

Во земјата осум отсто од сите вработени во трговскиот сектор се заразени или отсуствуваат од работа поради ризични контакти.

Владата го отфрли предлогот на стопанството за скратување на времето на изолација на пет дена и препорача компаниите да ги зајакнат контролните механизми во работната средина за да не се зголемува бројот на заболени.