Во Подгорица утре конститутивна седница на новиот црногорски Парламент


Во Подгорица утре конститутивна седница на новиот црногорски Парламент - МИА

Подгорица, 22 септември 2020 () – Конститутивната седница на новиот состав на Парламентот на Црна Гора ќе се одржи утре во Подгорица. На првата седница по парламентарните избори, одржана на 30 август, ќе бидат избрани новиот претседател и потпретседатели на Парламентот на Црна Гора, како и претседателот и членовите на Административниот одбор, собраниско работно тело задолжено за избори и именувања, пренесува Анадолија.


 

Според наводи од црногорскиот Парламент, претходно ќе треба да се усвојат извештајот на Државната изборна комисија за резултатите од парламентарните избори и заверените мандати на пратениците.

Државната изборна комисија на Црна Гора (ДИК) ги објави конечните резултати од парламентарните избори на 14-ти септември, според кои три опозициски коалиции освоија 41 место, додека сегашното владеачко мнозинство има 40 места во новиот состав на црногорскиот Парламент.

По конститутивната седница на парламентот, претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, е должен да закаже консултации со претседателите на парламентарните партии, со цел да предложи мандатар за состав на новата Влада на Црна Гора најдоцна за 30 дена.