Во Белград свечено отварање на споменикот на Стефан Немања, висок 24 метри и тежок 80 тона


–Во Белград на денешниот празник Св.Сава српскиот државен врв на чело со претседателот Александар Вучиќ вечерва ќе го отвори импозантниот споменик на оснивачот на српската средновековна држава Стефан Немања, јави дописникот на МИА од Белград.



Споменикот, кој се наоѓа пред Железничката станица во Белград, висок е 23,5 метри и пет метри под земјата, тежок околу 80 тони, а постаментот е еден вид музеј на отворено, бидејќи околу жезолот на споменикот се поставени фрагменти од византиски шлем со мозаици одвнатре што претставуваат делови од животот на Стефан Немања.

Автор на споменикот, кој ќе биде најголем во Србија, е рускиот уметник Александар Рукавишњиков. Изградбата на споменикот траеше околу година и пол, а во неа учествуваа скоро 120 лица од различни профили. Гигантскиот споменик на Стефан Немања, направен е од бронза и испорачан на делови до Србија, каде е повторно составен и патиниран.

Иницијативата за споменикот е на претседателот Вучиќ и тој во иднина ќе „гледа“ на улицата Немањина, каде е српската влада и која води од Савски трг кон Славија.

-Споменикот делува преубаво.Споменикот е така граден за да го објасни настанокот на српскиот народ, неговите корени, како се развивал,како растела српската држава, култура и духовноста…Со завршување на работите на Белград на вода, споменикот ќе преставува спој на модерното и традиционалното, изјави Вичиќ при обиколка во пресрет на отварањето на споменикот.

Со споменикот и реконструкцијата на Железничката станица која ќе стане Музеј на историјата на Србија-се менува и изгледот на Белград, изјави Горан Весиќ, вториот човек на градот.

Изградбата на споменикот на Стефан Немања во Србија имаше дебата за естетиката и димензиите, како и за непознаниците околу чинењето.

Историчарот Предраг Марковиќ денес изјави дека споменикот на Стефан Немања, ќе биде симбол на Белград, исто како споменикот на Александар Велики во Скопје.

-Со таа големина и тој сјај на позлатата, тој ќе биде симбол на Белград исто како што Александар Македонски е симбол на Скопје, оцени Марковиќ.

Од друга страна, визуелниот уметник и писател Дејан Атанацковиќ по повод протестот што денес ќе се одржи пред Филозофскиот факултет, изјави дека причината е „изразување граѓанско незадоволство од она што се случува и на што е симбол овој споменик“.

-Ние сакаме да го искажеме нашиот став, но и да ги поканиме граѓаните на поширока и потемелна дискусија за тоа што да правиме со овој споменик во блиска иднина, кажа тој.

Стефан Немања (1109–1199) е средновековен српски велмож, голем жупан на Рашка и основач на династијата Немањиќи.

Тој важи за еден од најважните српски владетели, а за време на неговиот живот изградил и обновил голем број цркви и манастири кои се сметаат за негови задужбини. Заедно со неговиот син Сава (Св.Сава), тој се смета за татко на Српската православна црква, која го слави како Свети Симеон Мироточив.