Во Албанија почна мултинационална воена вежба „Бранител Европа 23“

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во Албанија почна заедничката мултинационална вежба предводена од Европската команда на САД, на која ќе се демонстрираат интерактивните способности на САД со сојузничките и партнерските армии на НАТО.

На свеченото отворање што се одржа на плоштадот „Мајка Тереза“ во Тирана присуствуваа и се обратија претседателот Бајрам Бегај, премиерот Еди Рама и американската амбасадорка во Тирана, Јури Ким.


Заедничката порака беше дека „Албанија секогаш ќе ги брани вредностите на мирот и единството рамо до рамо со САД и НАТО“.

– Кога ќе се сретнеме повторно за две години за Бранител Европа 2025, посакувам само глобалната безбедносна ситуација да биде помирна, бидејќи не се сомневам дека Албанија секогаш ќе продолжи да ги штити вредностите на мирот и единството, секогаш стоејќи рамо до рамо со САД и другите сојузници на НАТО, рече меѓу другото претседателот Бегај.

Тој порача дека Албанија е посветена на својата мисија како стабилизирачки фактор на Балканот и извозник на безбедност во регионот и пошироко.

Премиерот Рама од свеченоста порача дека неговата земја е на највисоко ниво на меѓународна почит.

– Албанија никогаш не била повисоко во нивото на меѓународна почит, денес седи на масата на Советот за безбедност рамо до рамо со САД за прашањето за Украина. Таа презема профил и улога што не само што ја оптоварува со извонредни обврски, туку ја става во позиција да се види каква одговорност постигнала нашата земја, рече Рама.

Амбасадорката Ким оцени дека „САД, Албанија и НАТО сојузниците се пообединети од кога било до сега“.

– САД, Албанија и нашите сојузници во НАТО се пообединети од кога било. Не можам да ги заборавам зборовите на Скендербег, „единството е сила“, бидејќи со вежбите Албанија и САД прават повеќе од кога било досега заедно. Направивме големи чекори, можеме да ја извршиме секоја мисија. Горди сме што стоиме рамо до рамо со народот на Албанија, рече Ким.

Министерот за одбрана Нико Пелеши меѓу другото изјави дека целта на Албанија е да покаже дека е способна да се справи со секоја ситуација што може да се појави на полето на безбедноста и одбраната со исполнување на секоја задача и обврска што и припаѓа.

– Чувствувајте се како дома, уживајте во албанското гостопримство и вратете се во нашата благословена земја, им порача Пелеши на учесниците на вежбата.

Албанија вторпат е домаќин на најголемата воена вежба во Европа „Бранител Европа 23“, која ќе трае до 23 јуни. Учествуваат 800 војници од албанската армија заедно со над 24.000 американски војници и сојузниците на НАТО.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK