Во Албанија минатата година 215 самоубиства и 55 убиства


– Самоубиствата и понатаму се една од најболните појави во албанското општество, што го потврдуваат високите бројки регистрирани и минатата година, јави дописничката на МИА од Тирана.


 

Институтот за статистика, ИНСТАТ објави дека минатата година се случиле 215 самоубиства, што е речиси идентична бројка со претходната година, кога имало 216 самоубиства.

Според експертите од оваа област, во текот на минатата година евидентирани се и 129 обиди за самоубиство, што е највисоко ниво во последните три години. Оваа бројка, оценуваат тие, е многу поголема затоа што „десетици други остануваат непријавени“.

Споредено со кривичните дела убиства, бројот на самоубиства е повисок за повеќе од трипати. Лани биле регистрирани 55 убиства.

– Причината за големиот број самоубиства во Албанија се припишува на економски и социјални фактори, а дополнителен стрес минатата година беше и пандемијата со Ковид-19. Бидејќи нивното ниво продолжува да биде трипати повисоко од убиствата, неопходно е градење механизми за спречување на самоубиственото однесување, што има значително економско и социјално влијание, вели Арјана Рели, психијатар.

Докторката оценува дека кон чинот на одземање на сопствениот живот најчесто се одлучуваат оние кои одбиваат да се лекуваат или имаат притисок од семејството да не го прифатат проблемот.

Самоубиствата се зголемуваат на систематски начин во последните две години, забележувајќи 216 самоубиства во 2019 година или 2,3 отсто повеќе споредено со 2018 година и 215 самоубиства во 2020 година, што претставува 7,5 на 100.000 жители наспроти 5,4 колку што било во 2016 година.

Гледано одделено, од вкупниот број самоубиства минатата година дури 72 отсто ги извршиле мажи, а најпогодена е возрасната група од 50-59 години.