Турската и грчката делегација во Истанбул ја одржаа 61-та рунда технички преговори


Денеска во Истанбул се одржа 61-та рунда технички преговори меѓу делегациите на Република Турција и Грција, јави агенцијата Анадолија.



Тема на преговорите беше согледување на актуелната ситуација во регионот, како и можните потези во светло на последните случувања.

Делегациите постигнаа договор следната рунда разговори за отворените билатерални прашања да биде организирана во главниот град на Грција, Атина.

Меѓу членовите на турската делегација беше заменик министерот за надворешни работи на Турција, Серат Унал, и портпаролот на Кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин.

Калин на Твитер објави дека во Истанбул продолжиле техничките преговори кои не се одржуваа изминатите четири и пол години.

– Сите проблеми можат да се решат, вклучително и оние во Егејското Море, со силното лидерство на нашиот претседател. Во целост сме определени за тоа, напиша Калин.

Тој исто така порача дека регионалниот мир и стабилност се во интерес на сите, додава Анадолија.