Турција побара апсење на уште 238 армиски поддржувачи на проповедникот Ѓулен


– Турските власти издадоа потерници по 238 лица во рамките на широката и долготрајна операција насочена кон припадници на војската, кои наводно се поврзани со имамот Фетула Ѓулен.



Анкара проповедникот Ѓулен го смета за одговорен за неуспешниот обид за воен удар во Турција во 2016 година.

Акцијата, спроведена во 60 провинции, е дел од четиригодишната поголема операција против мрежата на Ѓулен, пренесува Радио Слободна Европа.

Ѓулен ја негира вмешаноста во обидот за воен удар од јули 2016 година, кога беа убиени над 250 лица.

По наредба на обвинителите полицијата  во Измир приведе 160 лица.

Меѓу бараните има 218 активни војници, вклучувајќи и шест полковници, тројца потполковници и девет мајори.

Од јули 2016 година досега во истражен затвор се ставени околу 80.000 лица, од работа се отпуштени или суспендирани 150.000 државни службеници, војници и други турски државјани, а повеќе од 20.000 лица се протерани од турската армија.