Турција ја пролонгира исплатата на 600 милиони долари за руски природен гас до 2024 година во согласност со договорот со Москва, што предвидува одложување многукратно од таа сума, изјавија денеска два неименувани извори.
Договорот предвидува можност за одложување на плаќањето на повеќе од четири милијарди долари до 2024 година.
– Уплатата на 600 милиони долари официјално е одложена за следната година. Голема улога (за пролонгирањето) има зголемување на цената на енергијата. Турција следниот месец би можела да го одложи плаќањето на повеќе сметки, во зависност од движењето на цената на енергијата, изјави еден од неименуваните извори.
Турција во голема мера зависи од увозот на енергија, а Русија е нејзин најголем снабдувач. Договорот за пролонгирање на плаќањето на гасот го намалува притисокот врз турските девизни резерви, кои се исцрпени со политиката за зајакнување на лирата и од растот на цените на енергенсите.
Министерството за енергетика на Турција и на Русија, како и енергетските фирми Ботас и Газпром не ја коментираа информацијата за одложување на исплатата.
Турција минатата година за увоз на енергија плати околу сто милијарди долари.
Во Турција викендот се одржуваат претседателски избори, а според анкетите претседателот Реџеп Тајип Ердоган би можел да биде поразен, пред сè поради високите животни трошоци и драстичното намалување на вредноста на лирата.