Турција го враќа истражувачкиот брод „Оруч Реис“ во источното Средоземно Море


Турција го враќа истражувачкиот брод „Оруч Реис“ во источното Средоземно Море - МИА

Анкара, 14 септември 2020 () – Турција соопшти дека го враќа истражувачкиот брод „Оруч Реис“ во спорниот источен дел на Средоземно Море.


 

Грција и Турција се во спор околу поморските граници и енергетските извори во таа област, што е најновиот во низата повеќедецениски спорови меѓу двете НАТО сојузнички. „Оруч Реис“ предизвика тензии во источниот Медитеран откако Турција го испрати со мала флотила воени бродови на спорните мориња на 10 август. Подоцна, Турција го повлече „Оруч Реис“, што вчера од Грција беше оценето како вистински чекор во правец на деескалација на ситуацијата. Но, денеска Анкара информира дека повлекувањето е само привремено.

– Турција не направи чекор наназад во источниот Медитеран, бродот „Оруч Реис“ е повлечен во пристаништето заради сервисен преглед и снабдување, изјави денеска министерот за надворешни работи на таа земја Мевлут Чавушоглу, јави Анадолија.

Чавушоглу додаде дека Турција и Грција, двете соседни земји, можат да водат директни разговори. Сепак, како што рече, ако Грција продолжи да инсистира на предуслови, Турција ќе го стори истото.

Од друга страна, на вчерашната прес конференција во Солун, Мицотакис повтори дека Грција сака да разговара со Турција, но во мирна клима, без провокации и еднострани активности за единствената разлика, одредување на морските зони.

-Сакам да верувам и да се надевам дека вчерашниот потег (за повлекување на бродот) е прв чекор во правилна насока. Очигледно, треба да има и продолжение, бидејќи деескалацијата не е нешто што се случува во еден момент. Штом видиме знаци во оваа насока, Грција е секогаш подготвена, зошто не и набргу, за нов циклус контакти со Турција, рече Мицотакис.

Турското Министерство за енергетика во посебно соопштение изнформира дека откако ќе помине „инспекција, бродот ќе продолжи да спроведува сеизмички трагања и истражувачки активности“.

Анкара е разочарана што Грција ги користи своите оддалечени источни острови за да преземе контрола над водите покрај турскиот брег.

Грција одговори со организирање поморски вежби со Франција и неколку сојузници на ЕУ, близу до оние што Турција ги одржа минатиот месец.

Европската унија целосно ја поддржа Атина и се закани со економски санкции против Турција, кои можат да бидат усвоени на самитот закажан за 24-25 септември.

Кипар, членка на Европската Унија, е најблиску до местото на настаните. Турција не ја признава нејзината ексклузивна економска зона и таму ги спроведува своите истражувања. Грција и Кипар, со поддршка од Франција, ја обвинуваат Турција за непочитување на меѓународното поморско право. Анкара, пак, смета дека полага право на својата „континентална плоча“.

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, при вчерашната посета на Кипар изјави дека Вашингтон е исто така „длабоко загрижен“ од истражувањата што ги спроведувана Турција „во областите над кои јурисдикција имаат Грција и Кипар“.

Турција негодува поради таканаречената „мапа од Севилја“, на која Грција се повикува во тврдењето за спорните води.Мапата беше подготвена од шпанскиот универзитет во Севилја во име на Европската унија во раните 2000-ти.

Со неа се предлага да се обезбедат целосни економски зони за малите острови на Грција во Егејот и Кипар во источен Медитеран.

Турција оценува дека мапата го нарушува нејзиниот суверенитет и е во спротивност со минатите примери на далечни острови на земјите кои не добиваат целосни економски зони.

Чавушоглу смета дека мапата е причина за сите тензии и бара Грција да се откаже од мапата, па да почнат преговори за спорните територијални води.