Теохарис: Грција ја отвораме на 14 мај  


– Отвораме на 14 мај и ова треба да биде јасно. На 14 мај отвораме, порача министерот за туризам на Грција Харис Теохарис од Парламентот, одговарајќи на пратеничко прашање на претседателката и пратеничката група на Движење на промена за туризмот, јави дописничката на МИА од Атина.


 

Теохарис објасни дека владиниот план за туризмот веќе почна да се спроведува, а првиот чекор беше направен вчера со отворање за државјаните на ЕУ и пет други земји и истакна дека ќе продолжат со мали отворања се до 14 мај, кога ќе може да се отвори туризмот и за Европската унија и „за други 15 трети земји, кои се најсуштински и важни“.

За копнените граници рече дека отворањето започна постепено со дозволен влез во Грција преку Бугарија и од уште еден премин, а не само од Промахонас (Кулата) како што беше досега, истакнувајќи дека ќе отворат сите гранични премини.

-Минатата година ги постигнавме сите квалитетни цели на нашата земја и мора да го разбереме тоа. И протоколи направивме. А секако постоеја  разни проблеми со гужви. Затоа оваа година ги отвораме сите гранични премини, рече Теохарис.

Објасни дека постојат пет точки и предуслови за безбедно отворање, а првиот е негативен тест или потврда за вакцинација за еден турист да влезе во Грција и истакна дека за ова „не постои алтернатива“.

-Ова е предуслов за сите земји. Не може некој да дојде ако не е вакциниран, ако не покаже дека оздравел или ако нема негативен тест за да влезе. Ова важи за сите, истакна Теохарис и додаде дека по случаен избор, на посетителите ќе им се вршат брзи тестови, па дури и на оние кои што се вакцинирани, што всушност е и втората безбедносна точка.

Третата е карантинот, односно изолацијата во хотелите-карантин на оние кои ќе бидат позитивни и тоа заедно со нивните семејства.

Потоа следат здравствените протоколи, а на крај е вакцинацијата на туристичките работници.

Теохарис објасни дека е веќе одлучено и ќе се спроведе вакцинација на вработените во туризмот како приоритетна група, но само откако ќе заврши процесот на имунизација на најранливите категории.

Уште еднаш се осврна и на дискусијата што во Грција се води за „covid free“ острови и дестинации во земјата, поради вакцинацијата на жителите на помалите грчки острови.

-Ние велиме дека целата земја е безбедна, не постои „covid free“ и „non covid free“. И ги повикувам и градоначалниците да не паѓаат во оваа стапица. Бидејќи кога се рекламираш како „covid free“, ако случаите некогаш се зголемат, ако има многу случаи, како што читам текстови за Астипалеа, сето ова пропаѓа, тоа не е долгорочна стратегија за рекламирање, истакна Теохарис.

На крајот од неговиот одговор до пратениците од Движење на промена, го спомена и слоганот „All we want is Greece“, под кој ќе започне туристичката сезона и потенцираше дека она што некој го сака и му е потребно е во Грција, „бидејќи земјата покажа дека ги почитува и своите граѓани и туристите“.