Стефоска и Маргарити го отворија Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Тирана


13:30// Прес-конференција на министерката за култура Стефоска - МИА

Министерката за култура Ирена Стефоска и нејзината колешка од Албанија Елва Маргарити денеска го отворија Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Република Албанија.


 

 

– Во овој прекрасен ден во Тирана, го отвораме нашиот трет Културно-информативен центар на Балканот. Искуствата од центрите во Истанбул и во Софија ѝ даваат смисла на идејата за места што нè поврзуваат и нè врзуваат. Впрочем, центрите за култура имаат голема и одговорна задача – да не дозволат да се отуѓиме едни од други кога имаме многубројни причини да бидеме едни со други. Зашто на културата, границите не ѝ се познати, рече министерката Стефоска.

 

 

 

Во своето поздравно обраќање, таа додаде дека водени од европската идеја, силно ги артикулираме заедничките интереси кон целта – подобар живот за сите наши граѓани.

 

– И овој Културно-информативен центар е уште едно ново, убаво поглавје во односите меѓу Северна Македонија и пријателска Албанија, рече Стефоска, која на директорот на Центарот Златко Ориѓански, му порача портите на ова културно катче да бидат секогаш отворени за сите на кои македонската култура и уметност им се на срце.

 

Центарот се наоѓа во непосредна близина на Градскиот парк во Тирана.

 

Отворањето на КИЦ во главниот град на Албанија се реализира со поддршка на Министерството за култура во соработка со Министерството за надворешни работи, односно Амбасадата на земјава во Албанија, со што се потврдува дека меѓународната презентација е еден од приоритетите на културната политика на РСМ.