Српското Јавно обвинителство за организиран криминал најави дека ќе побара дополнителни информации, како од домашните, така и од судските институции на САД, но и од други меѓународни партнери и ќе побара да се достават конкретни докази поврзани со директорот на Безбедносно-разузнавачката агенција (БИА), Александар Вулин, кој е под американски санкции, јави дописникот на МИА од Белград.
-Во претходниот период кога Александар Вулин беше министер за внатрешни работи, а сега кога е директор на БИА, Обвинителството во соработка со овие институции во предистражна и истражна постапка успешно соработуваше и спроведе повеќе предмети за организиран криминал, меѓу кои најзначајни беа против организираните криминални групи на Вељко Беливук и Марко Миљковиќ, Дарко Шариќ, групата „Врачарци“ и транснационалниот организиран криминал, во кои беше остварена многу интензивна меѓународна соработка и која исто така е поврзана со податоци од SKY ecc, се наведува во соопштението.
-Во текот на работата на овие случаи, како и на други случаи на ова обвинителство, ниту една меѓународна полициска или правосудска институција, како и домашна, не укажа на постоење на вмешаност на Александар Вулин во каква било криминална активност, се вели во соопштението.
Во него се потсетува дека согласно одредбите од Законот за кривична постапка, секое физичко или правно лице, домашна или странска институција, кое располага со какви било докази дека е сторено кривично дело што е во надлежност на Јавното обвинителство за организиран криминал, може тие докази да ги достави до ова Обвинителство.
Директорот на БИА, Александар Вулин е на листата на оние кои се под американски санкции, а САД го обвинуваат дека е вмешан во „организиран криминал, трговија со дрога“ и дека злоупотребувајќи ја својата јавна функција му помогнал на трговецот со оружје Слободан Тешиќ, неговите „нелегални пратки со оружје да се движат слободно преку границите на Србија“, а на Русија и овозможил „платформа за понатамошно, малигно влијание во регионот“.
Синоќа претседателот Александар Вучиќ изјави дека Србија побарала од САД да им ги достават „сите информации“ за Александар Вулин, кога станува збор за тоа дека тој е поврзан со трговија со дрога.
-Доколку тие дадат какви било информации за ова прашање, ќе го процесуираме Вулин. Се разбира, нема ништо од тоа, знам која е причината (за санкциите) – неговиот однос кон Москва, рече Вучиќ, додавајќи дека само еден ден пред ова да најавил санкции против Русија, овие санкции, како што верува, нема да му се случиле на Вулин.
-Ми рекоа – воведи санкции кон Русија. Нема санкции против никого во Србија, рече тој.