Српски лекари бараат смена на Кризниот штаб, земјата е во здравствена катастрофа



Светски ден на семејните и општи лекари - МИА

Белград, 21 јули 2020 () – Група од околу 350 лекари во Србија, под името „Обединети против Ковид“, во отворено писмо до Владата и други надлежни институции, се оградуваат од републичкиот Кризен штаб за борба против Ковид-19 и бараат негова смена, оценувајќи дека Србија се наоѓа во „јавно-здравствена катастрофа“.


 

Како што јави телевизијата Н1, лекарите кои го потпишале отвореното писмо бараат да се формира нов Кризен штаб, да се испитаат обвинувањата за прикривање на податоците и да се запре „заплашувањето и политизацијата кои го нарушуваат личното достоинство на здравствените работници“.

Лекарите во писмото наведуваат дека решиле да се појават во јавност „затоа што не гледаат друго решение за катастрофата на јавното здравство во кое се наоѓа Србија“, по повод епидемијата на коронавирус, како и дека Хипократовата заклетва и општата етика ги обврзуваат на тоа.

– Целосното олеснување на рестриктивните мерки во предизборниот период (митинзи, натпревари, турнири, прослави) доведе до губење на контролата врз епидемиолошката состојба и тоа во никој случај не може да се оправда со стручни мотиви, оценија лекарите.

Како што наведоа во отвореното писмо, конфузијата во однос на бројот на болни и починати е предизвикана од несогласување со статистичките и епидемиолошките очекувања, сознанијата од секојдневната работа и контрадикторните изјави во јавноста.

Лекарите изјавуваат дека „сето ова сериозно го нарушило здравствениот систем и ја поткопало довербата и на граѓаните и на здравствените работници, и од таа причина тие сакаат да се дистанцираат од републичкиот Кризен штаб за борба против Ковид-19“.

Меѓу нивните барања е и да и се објасни на јавноста надлежноста врз базата на податоци и за порталот COVID, да се организира постапка за сигурно утврдување на бројот на заразени, болни и починати од Ковид-19, како кај граѓаните, така и меѓу здравствените работници.

Потписниците на отвореното писмо бараат и независна истрага дали податоците биле намерно сокривани и утврдување одговорност за тоа.