Спасените 483 мигранти кај Крит привремено сместени во брод закотвен на пристаниште


Во брод наменет за пренесување патници и возила што е закотвен на пристаништето во Палеохора во југозападниот дел на грчкиот остров Крит привремено се сместени мигрантите, вкупно 483 лица, кои во вторникот беа спасени во морскиот дел јужно од островот, јави дописничката на МИА од Атина.

 

 

Од крајбрежната служба на Грција соопштија дека во спасувачката акција, 25-метарскиот рибарски брод со кој се пренесувале мигрантите, со помош на италијански рибарски брод и во придружба на патролен брод на крајбрежната служба, една фрегата и други рибарски чамци бил безбедно извлечен до пристаништето во Палеохора

По спасувачката акција, вкупно 483 лица, од кои 336 мажи, десет жени, 128 малолетни момчиња и девет малолетни девојчиња вчера, привремено биле пренесени во патничкиот брод закотвен на пристаништето.

Како што веќе објави МИА, министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис со писма до потпретседателот на Европската Комисија Маргаритис Схинас и комесарката за внатрешни прашања на ЕУ Илва Јохансон побара ЕК итно да интервенира за релокација на спасените мигранти.