Совет на Европа: Бугарските власти да ги казнат напаѓачите на новинарите


Дуња Мијатовиќ побара истрага и утвредување на одговорност за полициското насилство во Белград - МИА

Софија, 3 септември 2020 () – Загрижена сум за бројните извештаи за полициско насилство врз новинари на антивладините протести во Софија, изјави денеска Дуња Мијатовиќ, комесарот за човекови права на Советот на Европа.


 

Неколку новинари, наводно, биле претепани и изгазени во вчерашните судири во Софија меѓу полицијата и демонстрантите.

-Една новинарка, наводно, со часови била приведена, а на другите им била оштетена професионалната опрема, рече Мијатовиќ.

„Насилството врз новинарите, особено од страна на државните агенти, е во спротивност со обврската на државите да ја почитуваат слободата на печатот и да ја штитат безбедноста на новинарите“, рече Мијатовиќ.

-Затоа ги повикувам бугарските власти ефикасно да ги испитаат сите регистрирани случаи на напади врз новинари и да ги казнат полициските службеници одговорни за ова неприфатливо однесување.

Исто така, додаде таа, мора да им се дадат итни јасни упатства на полициските службеници да ја почитуваат слободата на печатот и да им дозволат на новинарите и медиумските професионалци безбедно да ги покриваат демонстрациите, повика таа.

Сношти, доцна вечера, на протестите во Софија избувнаа судири на плоштадот пред новата зграда на Националното собрание, во делот на таканаречениот „триаголник на власта“. Млади луѓе со навивачки реквизити почнаа да фрлаат петарди и флеш бомби врз полицијата, додека мирните демонстранти кои присуствуваа на 56-от ден од антивладинте протести веќе беа повлечени. Кратко по полноќ, полицијата го расчисти плоштадот.