Селаковиќ: Четири земји го повлекоа признавањето на Косово, продолжуваме да се бориме


Српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ по седницата на Советот за национална безбедност изјави дека на претседателот Александар Вучиќ му предал дипломатски ноти од четирите земји кои го повлекле признавањето на Косово и дека Советот го овластил Вучиќ да ја информира јавноста за кои земји станува збор, јави дописникот на МИА од Белград.


 

Селаковиќ изјави дека Владата на Србија и Министерството за надворешни работи „ќе продолжат жестоко да се борат“ и ќе работат на повлекување на признавањето на Косово.

– Ние сме под притисок да го прифатиме нарушувањето на територијалниот интегритет, кршењето на меѓународното јавно право, правниот поредок, на наша штета. Владата на САД преку соопштение од Стејт департментот, објавено по повод првата годишнина од Вашингтонскиот договор, јасно стави до знаење дека САД го сметаат договорот за валиден и ги повика Белград и Приштина да го почитуваат договорот. Со поднесувањето на барањето за членство на Косово во Советот на Европа, Приштина покажа дека не го почитува договорот, дадениот збор, како ниту ставот на државата која беше домаќин на постигнувањето на договорот, рече Селаковиќ.

Како што оцени, на тој начин Приштина покажала дека нема намера да дојде до решение преку дијалог, туку веќе се одлучила за едностран пристап.

– Преку работата на нашите безбедносни служби дојдовме до информации дека најмалку две големи земји работат на поддршка на Приштина за нови признавања и спречување на кампањата за повлекување на признавањата, изјави српскиот министер за надворешни работи.