Сакеларопулу: Ќе биде потребно време да се урнат стереотипите што произлегуваат од родовата нееднаквост


Никакво прифаќање и толеранција за насилството врз жените. Казна за виновните, воспоставување структури за поддршка и заштита на жртвите и најважно, промена на семејната и социјалната парадигма, преку едукативни и советодавни процеси, порачува грчката претседателка Катерина Сакеларопулу нејзиниот официјален „Фејсбук“ профил, по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, за кој вели дека е „симболичен потег со големо значење, што повикува на будност и акција“, јави дописничката на МИА од Атина.


 

-Ќе биде потребно време да се срушат стереотипите што произлегуваат од родовата нееднаквост и идеолошки го опкружуваат феноменот, честопати стигматизирајќи ја жртвата, а не виновникот, создавајќи колективна толеранција за дела што се морално и кривично казниви. Но, дотогаш, единствениот начин е строго спроведување на постојната законска рамка и создавање средина за поддршка на жените кои биле или се злоупотребени, напиша Сакеларопулу.

Грчката претседателка додава дека физичкото, сексуалното, психолошкото и економското насилство врз жените е „глобален феномен, со уникатна историска издржливост, со болни импликации“ и истакнува дека „доминацијата на патријархалните структури, предодреденоста на родовите улоги и дискриминацијата меѓу половите го репродуцираат проблемот, а сега и го влошуваат“.

Сакеларопулу се задржува и на пандемијата, велејќи дека финансиските проблеми, присилниот соживот во ограничениот простор, поради карантинот и промената на секојдневието, „создаваат експлозивна атмосфера што е поволна за појава на семејно насилство“.