Родителите на децата кои беа убиени во масакрот во белградското училиште на 3 мај, како и други граѓани протестираат пред зградата на Владата на Србија, јавува Нова.рс. Тие се собраа точно во 8 часот и 40 минути, време кога почна масовното пукање во основното училиште „Владислав Рибникар“.
Пред да стигнат до зградата на Владата, тие запалија свеќи и оставија цвеќе пред училиштето. Нинела Радичевиќ, мајката на убиеното девојче Ана Божовиќ, објасни дека причината за нивното собирање е тоа што Советот на родители не гласал за вклучување на таткото на едно од убиените девојчиња во Училишниот совет, иако тоа е препорака на Министерството за образование.
Тие, исто така, сакаат да привлечат внимание на неопходноста од спомен на зградата.
„Институциите мора да се вклучат во овој проблем и сакаме да го свртиме вниманието“, рече Радичевиќ.
Таа се пожали дека родителите се уште ја немаат добиено официјалната информација за Меморијалниот центар што ја бараат.
„Како мајка на убиено дете, последното нешто што ми треба е Меморијалниот центар. Му треба на ова општество“, истакна таа.
Насобраните родители тврдат дека е потребно достоинствено споменување и обнова на училишната заедница врз основа на хуманост и солидарност.
Да потсетиме, ученик од седмо одделение на 3 мај уби уште девет ученици и училишен чувар во Рибникар. Поминаа речиси седум месеци од масовното пукање, а некои родители бараат училиштето да се претвори во Меморијален центар. Но, има и друга група родители кои се против ова и предлагаат спомен-делот на училиштето да биде влезот во училницата и самата училница.