РИК: До 18 часот излезноста во Србија е 50,82 отсто, ЦЕСИД: до 17 часот гласале 45,01 отсто гласачи, повеќе отколку во 2020 и 2017 година


Републичката изборна комисија на Србија соопшти дека до 18 часот на изборите од запишаните 6.502.307 гласачи излезноста е 50,82 отсто, а ЦЕСИД соопшти дека на претседателските, парламентарните и локалните избори за град Белград до 17 часот гласале 45,1 отсто од запишаните избирачи, јави дописиникот на МИА од Белград.


 

Центарот за слободни избори и демократија (ЦЕСИД) на својата веб-страница соопшти дека на парламентарните избори во Србија во 2020 година до 17 часот гласале 37,2 отсто од гласачите, а во 2016 година 43,5 отсто.

На претседателските избори во 2017 година излезноста до 17 часот беше 40,9 отсто.

Врз основа на информациите добиени од набљудувачите, ЦЕСИД во периодот од 13 до 17 часот забележал повторување на неправилности кои биле забележани во текот на денот.

Најчести се процедуралните нерегуларности и се однесуваат на вметнување гласачки ливчиња во погрешни кутии, непочитување на чекори при спроведување на изборите (не се применува спреј, не се проверува идентитетот на гласачите и сл.) и грешки при потпишување изводи од избирачки списоци.

– Покрај ова, набљудувачите продолжија да ги следат активностите кои ја загрозуваат тајноста на гласањето на избирачките места (со фотографирање гласачки ливчиња или снимање на гласачкиот процес), семејното гласање и помали инциденти и вербални конфликти, соопшти ЦЕСИД.

Организацијата ЦРТА соопшти дека веќе во првиот дел од изборниот ден, набљудувачите забележале повеќе случаи на физичко и вербално насилство на избирачките места и во нивната околина, а велат дека биле информирани и за голем број други насилни инциденти.

Според Републичката изборна комисија (РИК) до 18 часот излезноста на изборите е 50,82 отсто, од вкупно запишани 6.502.307 гласачи, беше соопштено на прес-конференцијата на РИК.

Претседателот на РИК, Владимир Димитријевиќ изјави дека изборниот процес се одвива во демократска и фер атмосфера.

– Не се забележани поголеми неправилности. Она што е забележано е дека редиците се зголемени речиси на сите избирачки места, изјави Димитријевиќ.

Според него, по региони до 18 часот излезноста изнесувала во Војводина 53,9 отсто од запишаните гласачи, во регионот на Шумадија и западна Србија 52,01 отсто, во регионот на јужна и источна Србија 50,75, а во Белград 48,05 отсто од вкупниот број запишани гласачи.