Рекордни депозити од речиси пет милијарди евра во косовските банки


Министерот за финансии на Косово, Хекуран Мурати објави дека нивото на влогови во банкарскиот систем на Косово, на крајот од јули годинава, достигна до рекордни 4,88 милијарди евра, јави дописникот на МИА од Приштина.

 

 

На неговата страница на Фејсбук, Мурати напиша дека високиот пораст на депозитите на граѓаните во банките се должи првенствено на големиот прилив на иселеници кои го посетија Косово во текот на летната сезона.

– Се забележува извонредниот придонес на нашето иселеништво во јули, тогаш кога почнува нивното масовно доаѓање во татковината, при што банкарските депозити забележаа рекордно ниво. На крајот на јули, нивото на влогови во валутата евро изнесуваше 4,88 милијарди евра, напиша Мурати.

Според графиката што ја презентира косовскиот минитер за финансии, на почетокот на годинава имало нагласен пад на банкарските депозити, меѓутоа тој тренд забележал позитивен пресврт откако владата донела пакет за финансиска поддршка на граѓаните, вреден 100 милиони евра.

– Поради порастот на цените и ризикот од затворање на границите, граѓаните и бизнисите побрзаа да се снабдуваат со стоки, што предизвика извесен пад на нивото на ликвидност во економијата. Меѓутоа, трендот се сврте во позитивна насока во април, кога почна спроведувањето на пакетот за поддршка на граѓаните вреден 100 милиони евра, од кој имаа придобивка социјално загрозените семејства, вработените во јавниот и приватниот сектор, пензионерите и студентите, напиша Мурати.