Реакција на Баша за ситуацијата на северот на Косово



Баша бара помасовно тестирање за Ковид-19 во Албанија - МИА

– Лидерот на најголемата опозициска сила во Албанија, Демократската партија, и поранешен шеф на дипломатијата, Љуљзим Баша, вечерва реагираше во врска со ситуацијата создадена на северот на Косово и зголемувањето на тензиите по воспоставувањето реципроцитет за регистарските таблички.

Баша наведува дека криминалните дејствија што се случиле во изминатите 24 часа, инспирирани од официјален Белград, имаат за цел да го дестабилизираат Косово и целиот регион, истовремено истакнувајќи ја поддршката за косовската Влада и ангажираниот политички фактор.


 

– Со загриженост ја следам ситуацијата создадена на северот на Косово, по фер и легитимна одлука на Владата да воспостави реципроцитет. Кривичните дела кои се случија во изминатите 24 часа, инспирирани од официјален Белград, имаат за цел да го дестабилизираат Косово и целиот регион заради политичките интереси на Александар Вучиќ. Изразувам целосна и силна поддршка за Владата на Косово, нејзините институции и целиот политички фактор ангажиран во справување со оваа ситуација, наведува Баша во објавата на Фејсбук.

Тој додава дека Албанија не треба да молчи, туку мора да ги искористи сите свои дипломатски механизми за да помогне во решавањето на оваа ситуација.

– Обврска на Албанија, дури и како земја-членка на НАТО, не е да молчи, туку да ги искористи сите нејзини дипломатски механизми за да помогне во решавање на оваа ситуација. Тенковите и воените авиони кои ги напаѓаат границите на Косово не можат да се толерираат, загрозувајќи го мирот и безбедноста на целиот регион, посочува Баша.