Рашков: Бугарија ќе го заврши граничниот премин Салаш-Ново Корито кон Србија



– Бугарскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи, Бојко Рашков, испрати писмо до својата колешка министерката за регионален развој и јавни работи Виолета Комитова, во кое предлага да се обнови изградбата на новиот граничен премин кон Србија, соопшти прес -центарот на бугарското МВР.


 

Како што јави дописникот на МИА од Софија, станува збор за продолжување на градежните активности на новиот граничен премин во реонот на селото Салаш (Бугарија) и селото Ново Корито (Србија).

Изградбата на бугарската страна почна пред седум-осум години, но и покрај големиот обем на градежни и монтажни работи и потрошените средства, таа беше запрена.

Србија, од своја страна, ги исполни обврските според договорот за отворање нов граничен премин.

Министерот за внатрешни работи Бојко Рашков бил мотивиран да го даде предлогот за доизградба на преминот откако во последните неколку месеци на граничните премини меѓу Бугарија и Србија има зголемена акумулација на автомобили, камиони и автобуси во двата правци.

Според него, завршувањето на новиот граничен премин ќе овозможи пренасочување на автомобилите и комбињата и другите возила и ќе го намали сообраќајот на актуелните гранични премини.

Изградбата на преминот значително ќе го скрати патот кон Белград и ќе го олесни патувањето на српските државјани во Бугарија, се наведува во соопштението на бугарското Министерство за внатрешни работи.

Бојко Рашков за оваа можност за продолжување на изградбата на преминот разговараше за време на работната средба со српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин.