Протест пред албанската амбасада во Приштина против иницијативата „Отворен Балкан“


 Невладината организација Движење за демократија (ДД) одржа денеска симболична акција пред амбасадата на Албанија во Косово против иницијативата „Отворен Балкан“, што ја покренаа македонскиот и албанскиот премиер, Зоран Заев и Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ на економскиот форум одржан минатиот четврток во Скопје, јави дописникот на МИА од Приштина.


 

Пред амбасадата беше истакнато пано со слики на Вучиќ со Рама и Зев и со осудениот за воени злосторства од страна на Хашкиот трибунал, Војислав Шешељ, како и прикази на српските злосторства во војната во Косово во 1998-99 година.

Над сликите беше запишана пораката до Рама: „Ние не сме заборавиле каков геноцид има извршено Србија на чело со (поранешниот српски лидер, Слободан) Милошевиќ и неговиот министер Вучиќ врз цивилното население во Косово!“.

Демонстрантите порачаа и дека иднината на Косово е „кон Европската унија и Соединетите Американски Држави“, а не кон она што го претендираат иницијаторите, а што, според ДД, е еден вид „Нова Југославија“.

Меџид Рамица од ДД изјави дека протестот е насочен против албанскиот премиер Рама и неговата соработка со српскиот претседател Вучиќ, кого го нарече „криминалец“.

– Со оваа активност го изразуваме нашето незадоволство од премиерот на Албанија, Еди Рама, поради неговите врски со Вучиќ, со српскиот криминалец кој изврши масакри во Косово, за што ги изложивме и фактите за неговите врски со Милошевиќ. Ние се спротивставуваме на „Мини-Шенгенот“ и на средбата (во Скопје), бидејќи Србија не побарала извинување за геноцидот што го изврши во Косово. Ние сме и против дијалог се додека Србија не побара извинување, рече Рамица.­